речник контакт

Ораовец, прошетка за одмор но и за историја

На само дваесетина минути од Велес, на падините на планината Клепа се наоѓа селото Ораовец кое нуди можност за одмор и релаксација од градската врева.

Петар Печков

На само дваесетина минути од Велес, на падините на планината Клепа се наоѓа селото Ораовец кое нуди можност за одмор и релаксација од градската врева. Тоа изобилува со ладна планинска вода, која блика од сите страни, потоци кои  жуборат и го делат селото а за починка се сенките на столетните ореви. И самото име Ораовец го добило по тоа што има многи дрва - ореви. Селото е на надморска височина од 500 метри, нуди мир и тишина, но и можност да лекува како воздушна бања.



- Во селото пред 30-тина години доаѓаа деца од општината на лекување, бидејќи имаме добра вода и воздух. Многуте ореви го обогатуват воздух со јод, така што децата бргу се лекуваа овде. Како што е Јасеново сега, така Ораовец некогаш беше воздушна бања - вели Олга Гочева една од педесетината жители на селото.



Оваа нејзина приказна ја потврдува и советникот во градскиот совет д-р Никола Нацев. Тој како дете престојувал тука од училиште и според неговите родители, тогаш неговиот престој во селото дал позитивни ефекти.

- Како локална самоуправа можеме зградата на училиштето да ја дадем? на некоја невладина организација, по примерот во Папрадиште, со што ќе отвориме можност Ораовец да заживее, децата од загадениот град да доаѓаат тука на неколкудневен одмор и да се лекуваат со чист планински воздух - вели д-р Нацев. 



Селаните со гордост ги покажуваат трите чешми од кои блика чиста планинска вода и тие не чувствуваат проблеми со водата за пиење во жешките денови, кои за волја на вистината овде се ретки. Бројните ореви држат ладна сенка.

Тука е и природно езеро, каде лете, кога селото оживува со доаѓањето на бројните повратници, тие можат да се капат. Во пролет во селото е прекрасно, се мешаат боите и мирисите на лилјачињата потоа маслинките, кои иако  е високо сепак ги има во голем број. 



При прошетката неодминлива е посетата на црквата Св.Спас, постара за една година од велешката Св.Пантелејмон, лоцирана среде село изградена 1839 година од Андреја Дамјанов, која има вреден иконостас и бројни стари икони, кои времето за жал некои ги оштетило. Селото има специфична архитектура со интересни покриви.



- Сите осумдесетина куќи се покриени со камени плочи, што е природна климатизација, лете ладно, зиме топло. Не ни треба ер кондишн, ние си имаме приородна излоација. Камените плочи се од блискиот мадем, каменолом од каде ги носиме за домашни потреби - вели Љубе Арсов.
 

Тој е внук на гемиџијата Милан Арсов, учесник на Солунските атентати чиј гроб е во селото, заедно со гробот на илинденскиот војвода Јован Наумов Алабакот. Главата на Арсов, неговите другари ја донеле од Африка, каде тој бил протеран и умрел. Двата спомен гроба се уредени и обележани во спомен на големите дела на Арсов и Алабакот.



Жителите на Ораовец се познати на велешкиот пазар по еколошки чисти земјоделски производи, кои бргу се продаваат поради нивниот квалитет. Тие за да заживее селото бараат општината да го асфалтира последниот километарод патот пред влезот но и да воведе автобуска линија да не мора да пешачат до дома. Пред неколку години локалната власт имаше прекрасна идеја, како Ораовец да се обнови, како да му се вратат луѓето и сјајот.



- Конкуриравме пред странските фондациии со проект, според кој Ораовец требаше да биде спомен село. Идејата беше да се обноват старите куќи за селски туризам, по примерот на слични села во Србија и Бугарија, за жал не наидовме на разбирање - објаснува Аце Коцевски градоначалник на Велес. Но жителите на Ораовец не губат надеж дека сепак селото ќе биде како некогаш воздушна бања. Овде природата не се штедела, на само 20-тина километри од Велес мамка за   неговите жители да го посетат селото  еден ден и да уживаат  во гостопримливоста  се воздухот и водата, како и богатата историја. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »