речник контакт

Осветени манастирските конаци на црквата во Согле

Велелепниот објект може да се користи само едно деноноќие, за патниците намерници. Него го освети Г.Г. Стефан

Петар Печков

На голем црковно -народен собир во велешкото село Согле, беа осветени манастирските конаци од црквата Св. Богородица. Овој чин  е дел од свеченостите за одбележувањето на 45-годишнината на возобнувањето на МПЦ-ОА.  Овој прекрасен објект се градеше пет години во подножјето на  Мелничка планината  во регионот на Азот, центарот на Македонија. На овој чин, каде беа присутни повеќе владици на МПЦ-ОА чиноначалствуваше  поглаварот  г.г. Стефан. Освен пофалбите за изградбата на манастирскиот комплекс потсетувајќи дека Македонската  црква за овие 45 години изградила повеќе  од некои нивни други црковни материјално побогати  браќа за подолг период, тој потсети на трагичната судбина што жителите од овој крај ја имале пред неколку векови.

45 годишнината од возобновувањето на автокефалноста на нашата црква е   можност да се потврдат оправданите барања и потреби, за правото на своето, како и правдата  на Црквата Павлова, Јустинијанова, Климентова и Доситејева на Македонската Православна  Црква. Помниме дека   Согле е трајна лузна на македонскиот духовен и национален организам. За потсетување, во времето на Отоманското владеење, под заканите ислам или смрт, дел од жителите на ова село присилно примиле мухамеданска вера. Тоа се  случило и кон христијаните во велешка Мелница, Долно и Горно  Врановци, како и во  Гора и Велебрдо, Прилепско, во Дебарско и Струшко.

Освојувачот знаел дека не е доволно да е освои една земја и пороби еден народ, туку тој треба и духовно да завладее. Од тие побуди и Света  Софија и Свети Пантелејмон во Охрид, Св. Никола во Битола, Прилеп и Скопје, Св. Илија во Штип, Св.Ѓорги  во Скопје, Св. Богородица во Тетовско и многу други цркви и манастири биле претворени во  џамии или срамнети со земјата.   Им благодариме што многумина глава дадоа ама вера не сменија, како Светите Злата Мегленска,  Спасе Радовишки и Ѓорги Кратовски кои бранејќи ја христијанската вера  се удостоија на маченички венец. Годинава кога славиме 45 години самостојна црква, го одбележуваме духовното воскреснување на нашиот народ. Исто толку години  самостоен живот без мешање на други цркви и интереси на други центри.  – рече Г.Г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски.

Манастирските конаци од Св. Богородица се двокатна зграда, на која едниот е наменет за патници намерници, кои тука можат да останат бесплатно едно деноноќие, при што одвоени спијат мажите од жените. Манастирот е опслужен од двајца монаси и во него е параклисот Св. Јоан и Ана. Црквата Св. Богородица  е трикорабна и  изградена во  1836 година. Во неа се наоѓа икона на Св. Богородица, за која месното население верува дека е чудотворна, позната е како Мајка Божја Согленска, поради која црквата има голем број посетители, иако до неа се доаѓа по тежок земјен пат.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »