Петар Печков
Објавено: понеделник, 26 јануари 2026
Откако во 2024 бројот на новороденчиња во велешко се израмни со родените во 2023, лани повторно пад, како и со децении наназад. Бројот на новороденчиња лани опаднал, родени се 317 бебиња што е за 11 помалку од 2024 кога беа родени се 328 бебиња што беше без малку ист број како и годината претходно 329. Од новите жители на општината во Велес, со адреса на живеење во градот биле 263 а на село 54.
Сите овие бебиња се водат по место на живеење на родителите, додека во Општа болница Велес се евидентираат по место на раѓање. Изминатата година на акушерското одделение од велешка болница имало 249 родени бебиња, наспроти 280 новороденчиња во 2024.
Оваа разлика помеѓу податоците од службата за превентивна здравствена заштита за предучилишните деца, при ЈЗУ Здравствен дом и акушерското одделение е бидејќи во велешка болница се породуваат родилки од од Неготино, Свети Николе, Лозово.
Лани локалната власт исплатила еднократна финансиска поддршка од 3.000 денари за 164 новороденчиња во велешко, што е далеку од бројот на родени бебиња 317. За истата да се добие, родителите аплицираат до Општина Велес.
По пол во велешко родени се повеќе машки 175, отколку женски 142 бебиња. Во градот состојбата е 138 машки/ 125 девојчиња а на село 37 машки/ 17 машки. Во Велешко лани се родиле 6 пара близнаци. Родени се и шест бебиња во странство, од нив едно велешанче во Мексико. Нивните родители решиле да се вратат и живеат во Велес.
Во Управата за водење на матична евиденција Велес лани запишале 406 новороденчиња, при што најмалку 157 се бебиња родени во странство. 3а нив родителите, кои се со место на живеење Велес, побарале да бидат запишани како негови жители, бидејќи не можат да добијат државјанство по автоматизам во државата во која се родени.
Во Општина Градско бројот на новороденчиња лани е само 14, додека во 2024 беше 18 блиску до година дена претходно кога биле 17. По пол бројката на новороденчиња лани е 9 машки и 5 девојчиња.
Во Општина Чашка драстично е намален бројот на новороденчиња 76, наспроти 95 бебиња во 2024, што беше за пет помалку од претходната. Има повеќе машки 39, наспроти 37 женски. Роден е и еден пар близнаци.
| Tweet |




