речник контакт

Отсечение на главата на Св. Јован Крстител, 11.IX

Спомен на погубувањето на последниот старозаветен пророк Празникот посветен на погубувањето на св. Јован Крстител што секоја година се празнува на 11 септември Него за свој патрон го имал касапскиот еснаф и со посебно внимание го празнувал овој празник.

Петар Печков

Последниот старозаветен пророк Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исус Христос во реката Јордан. Тој е наречен и Претеча што значи претходник, зашто со своето учење навистина му претходел на Исус, одел пред него, го повикувал народот на покајание и го најавувал доаѓањето на Спасителот.


Почитувајќи го како најголем пророк, Црквата му посветила неколку празници во годината. Во христијанскиот календар се празнува денот на неговото раѓање (Иванден, 7. VII/ 24.VI) денот на неговото погубување наречен Отсечение главата на Свети Јован, потоа за голем празник се смета и денот кога св. Јован го крстил Исуса во реката Јордан Собор на Св. Јован Крстител (денот по Богојавление 20/7. I.) на 24 февруари (с.с.) се празнува Првото и Второто, а на 15 мај  и Третото наоѓање главата на Св. Јован кога таа е пренесена во Цариград итн.

Така во христијанската вера Св. Јован е една од ретките личности покрај Исус и пресвета Богородица кому Светата црква му посветила повеќе празници. Празникот Отсечение главата на Св. Јован Крстител е еден од петнаесетте големи христијански празници, а за подостоинствено празнување и за сочувство со страдањата на Св. Јован од страна на Светата црква одреден е строг пост.



Според светото предание Св. Јован и Исус биле блиски роднини, зашто мајката на Св. Јована Елисавета и била тетка на Марија, мајката на Исуса.

Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја Ирод Антипа. Тоа е синот на стариот Ирод оној што наредил да се заколат сите деца во Витлеем во времето кога требало да се роди Исус Христос, за со нив да биде погубен и Спасителот. Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез по име Арета. 

Но тој, таков поган каков што бил и од погано семејство, ја истерал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак Саломија. Тоа не го дозволувале ниту законите на Мојсеј, а Јован жестоко го критикувал. „Не ти личи да ја земеш жената на брат ти”, му велел на царот. Затоа Ирод решил да му се освети. Се плашел да го убие зашто целиот народ го почитувал за пророк, но го ставил во затвор за да го заплаши.

Особено лута и осветољубива била Иродијада. И таа чекала прилика да му се освети. Еднаш кога Ирод организирал прослава на својот роденден со присуство на мноштво народ меѓу кои и највидните државни првенци, кога обилно се пиело вино, кога се играло и пеело, одеднаш се појавила Саломија, ќерката на Иродијада која што со својата игра толку го занесла Ирода што тој и ветил дека во тој момент ќе и исполни секаква желба, ќе и даде се што ќе посака дури и да се работи за половината од царството.

Саломија не знаела што да посака па отишла да се посоветува со својата мајка. Пакосната мајка што долго чекала овој час веднаш и рекла да ја побара главата на Свети Јована. Кога Саломија тоа му го соопштила на Ирода тој се изненадил, но ветувањето дадено пред многу народ го обврзувало и морал да го исполни. За кусо време девојката ја имала на послужавник глава на Свети Јована која ја предала на својата мајка, а оваа пак не задоволувајќи се со тоа, му го бодела со игла јазикот што зборувал за нејзиниот неморал. Телото на светителот го зеле неговите ученици и го погребале, а главата пакосната Иродијада ја закопала на некое нечисто место во дворецот на Ирод.

Се плашела дека ако главата и телото бидат на едно место можело да се случи пророкот да воскресне. Меѓутоа една благочестива жена на дворот на Ирод не можела да трпи главата на пророкот да биде закопана на нечисто место, па ја откопала тајно, ја однесла во Ерусалим и ја погребала на Елеонската Гора. Царот Ирод кога разбрал дека Исус лекува болни воскреснува мртви и прави чуда мачен од сопствената совест, си помислил дека пророкот Јован воскреснал. Некои мислеле дека тоа е пророкот Илија други дека е некој друг пророк, а царот Ирод бил убеден дека е токму Јован кому што тој наредил да му ја пресечат главата.

Народот бил сведок дека сите што биле заслужни за  погубувањето на пророкот ги стигнала заслужената казна. Ирод ја загубил битката со арапскиот  цар Арета, таткото на неговата прва жена кој сакал да ја измие навредата и да ја поврати честа на својата ќерка. Бил испратен на заточение заедно со Иродијада каде што во навреди и понижувања двајцата ги завршиле животите. И Саломија не останала неказнета. Таа се удавила во реката.

Подоцна некој богаташ се замонашил во Елеонската Гора и сакал да прави келија. Започнал да копа и нашол еден сад и во него една глава, а по Божја промисла имал сознание дека тоа е главата на Крстителот. Откако ја бакнал повторно ја закопал на истото место, а таа подоцна шетала од една рака во друга, била заборавана и наоѓана додека во време на царицата Теодора не била пренесена во Цариград.

Денот на погубувањето на св. Јован Крстител со строг пост црквата го празнува на 11 септември од името Отсекување  главата на свети Јован Крстител. Иако свети Јован е погубен пред Пасха празникот е поместен на овој ден зашто на овој ден е осветена црквата што над неговиот гроб во Севастија ја подигнале светите цареви, како што ги викал народот цатот Константин и наговата мајка, царицата Елена.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »