речник контакт

Оштета за поројот во Потокот нема ни по 2,5 години

Владата вели општината не достави документација, општината објаснува се е доставено на време

Петар Печков

 Жителите на велешката населба Потокот се разочарани што ни по двеипол години не го добиле обештетувањето од поројот кој ги зафати во летото 2009-тата. Педесетина  семејства неколку пати преку локалната власт се обиделе да добијат информација кога ќе им бидат  исплатени парите, кои државата  ги одобри неколку месеци подоцна.  Процените беа дека е сторена штета во висина од 30 илјади евра.

Се обидуваме да дознаеме  кога ќе ни ги дадат парите, кои како надомест за штета ни ги ветија. Во август по поројот дојде, комисија од  општина Велес и направи записници, кој колку штета претрпел. Пролетта следната година Владата најави дека се одобрени 15 отсто од средствата кои се пријавени како штета, со можност со уште други 15 до крајот од годината. По толку време немаме ништо добиено. Ги немаме тие пари добиено  а да не зборуваме за обештетување од невремето кое не зафати во јуни 2010-та година – велат жителите од населбата Потокот. 

Невремето што го зафати велешко во средината на август 2009-тата направи штета од 30 илјади евра на 50-ина објекти.Од Министерството за финансии за овој проблем кратко изјавија дека причината за не исплаќањето лежи во општинските власти, кои се изненадени од ова објаснување.

За Велес не е исплатен надомест за штета, оти  документацијата која Општина Велес  не ја достави во законскиот рок, поради што не сме во можност да го исплатиме обештетувањето – соопштија од Министерството за финансии. 

Процената што надлежната комисија при локалната власт ја утврди по пријавените штети што ги претрпеа велешани, ја прифати Советот на општина Велес. Поројниот дожд предизвика и поплави, па дури и еден пожар во една куќа. Следната година, летото 2010-та Потокот го зафати повторно невреме, при што тогашните процени беа дека има штета од 40 илјади евра. Ни тие пари  жителите од овој дел на Велес ги немаат добиено.

Од локалната власт на општина Велес велат дека тие  навремено ги испратиле сите документи до Владата со процените, но пари досега не добиле за да им исплатат на граѓаните, ниту пак документ со кој се објаснува зошто парите не се префрлени.  Велешани и земјоделците чекаат исплата и по  невремето во јуни лани, кога штетата беше процента на половина милион евра, а  беше  уништен 631 хектар земјоделски површини, со житарици, лозје, овошни насади, тутун, рано градинарски производи.
                   

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »