речник контакт

Павловден 13 јули

Кој бил апостолот Павле? Тој не бил меѓу оние познати 12 христови апостоли. Во почетокот бил противник на христовата вера и прогонувач на христијаните, за подоцна да стане најсилен пропагатор на ова учење.

Петар Печков

Роден е во гратчето Тарс, во областа Каликија во мала Азија. Првобитното јудејско име Савле (што значи измолен) сам го променил во Павле (од римски павлус - мал, малечок). Родителите го дале на училиште и набрзо уште мал станал образован човек.

Се занимавал со ќилимарство и од тоа живеел. Кога се појавило христијанското учење бил на страната на еврејските свештеници кои се бореле против оваа вера. Кога дошло до првиот судир во кој загинале многу Христијани и Савле бил на страната на еврејските свештеници, ги фаќал Христијаните и му ги предавал на судот.

Учествувал и во каменувањето на св. Стефан Првомаченик, по што му ја зел облеката. Но еднаш кога патувал за градот Дамаск за и тамо да се бори против Христијаните му се случило нешто што од корен го изменило неговиот живот. Одеднаш блеснала силна светлина и тој паднал на земјата. Од светлината слушнал глас: „Савле, Савле, зошто ме прогонуваш?“ „Кој си ти?“ - прашал исплашениот Савле. „Јас сум Исус кој ти го прогонуваш!“ - одговорил гласот. „Господе, што да правам?“ - запрашал Савле. „Стани и оди во Дамаск. Тамо ќе ти кажам што да правиш!“

Савле станал но ништо не гледал. Придружбата го одвела во Дамаск каде што останал три дена. На третиот ден дошол еден побожен човек кој му рекол дека е испратен од Исус да му каже дека е време да прогледа и да се исполни со Светиот Дух. Во тој момент му се вратил видот, тој се крстил и од најжесток противник на Христијанството станал негов најголем афирматор. Откако брзо ја изучил христијанската наука почнал да проповеда по светот и познати се четирите негови патувања низ Мала Азија, Балканскиот и Апенинскиот Полуостров.



Со својата активност апостол Павле предизвикувал омраза кај еврејските свештеници кои неколку пати го затворале и мачеле. Бил обвинуван дека народот го поттикнува на непослушност. Еднаш бил предаден на Римјаните и наклеветен по што главата му била пресечена со меч. Поради многуте заслуги светата христова црква го ставила во редот на апостолите.

Неговиот празник се празнува заедно со празникот на св. Петар  но и посебно, следниот ден на 13 јули. Светиот апостол Павле особено е значаен за нас Македонците. Своето прво патување надвор од Азија тој го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера. 

Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ што е дел од Светото писмо се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада една ноќ имал видение: „...стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: 'Премини во Македонија и помогни ни!' По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ не повикал таму да го проповедаме Евенгелието.“ (Дела 16-9,10) Како што стои во ова сведоштво една богобојазлива жена од градот Тиатир по име Лидија прва се покрстила заедно со своите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници во нејзиниот дом. „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!“- им рекла таа.

Потоа и многу други жители на овој град биле покрстени со што се родила првата христијанска општина во Европа. Ете затоа може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Во Македонија тоа ги совладувало првите тешкотии, се судрувало со старите пагански обичаи и верувања. Тука се добиени и првите битки во походот кон Европа и светот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »