речник контакт

Папаз лимoнада, велешки бренд

Малиот семеен бизнис на семејството Папазови од Башино село, лимонадата го освои Велес

Петар Печков

Малиот семеен бизнис на семејството Папазови од Башино село, лимонадата го освои Велес.  Осумнаесет години Сашко и неговата сопруга Жаклина се единствената сокара во градот  која ги преживеа сите проблеми, го изодеа трнливиот пат за денес да бидат почитувана марка на лимонада ,,Папаз,, . Таа  често е на масата на велешани, со која тие се освежуваат во летните горештини но и ги нудат гостите.

Тежок беше патот да се стигне до тука. Но јас одев со квалитет и стандард. Така сега многу сокари во градот исчезнаа ама лимонадата Папаз остана. Овој сок ја одржува нашата фамилија и од неа живееме. Благодарам на велешани кои препознаа дека ова што го работам  е без вештачки адитиви, без сахарин - вели Сашко Папазов сопственик на фирмата ,,Папаз ексклузива,,. 

Тој единствено го знае рецептот за сокот, кој се покажа како успешен. Како што питата пастрмалија е бренд во зимо, така лимонадата Папаз е барана во лето. Иако имал понуди да ја пласира во други градови, поради ограничениот капацитет, засега ја има само во Велес. Ја одбил соработката и со ланец на  неколку големи  маркети, исклучиво тие да ја продаваат.

Прв лимонада  во Македонија ставив во шише уште во далечната 95-та, тоа беше новина на пазарот. Сите ја продаваа во чаша а јас ја понудив во две литарско шише и така работата тргна. Во лето, кога е шпицот работиме од пет наутро до полноќ и пак не можеме да престасаме. Толкава побарувачка имаме.  Не работам на верски празници, тие ги почитувам. Со овој капаците што го имаме не можам да ги задоволам потребите на велешани. Немаме време  за одмор, само колку да јадеме и тоа е се – вели Папазов.

За сите овие години произведува само лимонада а од есенва започна да произведува и природен  бистар сок од брусница. Планираат догодина да започнат да работат и газирани сокови. Но за оваа инвестиција ќе требат средства.

Ова лето имавме неочекувано пауза од три седмици, откако поради големиот интерес не можевме да обезбедиме доволно амбалажа па се случи застој  во производството. Производителот не можеше да испорача толку шишиња колку што ние баравме. Тогаш почнавме да полниме и шишиња од литар и пол но и од половина литар – објаснува сопругата Жаклина. 

Лимонадата ,,Папаз,, била откритие ова лето  и во Охрид каде таа се нудела, каде завршил дел од производството. Ја барале и во велешките села Горно и Долно Јаболчиште. Од таму трговците доаѓале и ноќе чекале да се наполнат шишиња да ги купат и заминат. Квалитетот на освежителниот напиток е потврден и од Заводот за јавно здравје во Велес, каде истата се испитува. Се полни со надалеку познатата Башино селска вода. За  оваа вода   се чека на ред  пред селската чешма а велешани доаѓаат специјално да полнат во десетици  шишиња.

Во летните месеци дневно произведуваме по два тони сокови и се трошеа како алва, имаше редици. Ги вклучив и трите деца, така сега целото семејство е посветено на оваа работа.  Гледам дека и тие имаат интерес, што ме радува. Баш семеен бизнис од кој живееме. Не стравувам до конкуренција, после толку години минати во оваа работа ги познавам желбите на потрошувачите. Ми било пишано цел живот да работам со шишиња, оти јас сум работел  и во угостителството – вели Сашко Папазов. Следна цел е да го брендира производот, кој кај сограѓаните  е веќе е запишан како локален велешки.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »