речник контакт

Парк во центарот на Европа

Паркот на Европа е музеј на современа уметност под отворено небо и се смета дека е еден од 50–те топ уметнички дестинации во светот. И Македонија има своја скултура таму, меѓу првите

Петар Печков

На 1.462 километри од Скопје во шумски предел во околината на Вилнус е лоциран Паркот на Европа (The Europos Parkas), чијшто основач е познатиот литвански скулптор Гинтарас Каросас. Францускиот Национален институт за географија во 1989 година го означил паркот како географски центар на Европа. Паркот на Европа е музеј на современа уметност под отворено небо и се смета дека е еден од 50–те топ уметнички дестинации во светот.

На точката, која Францускиот национален институт за географија ја обележал како географски центар на Европа, Каросас поставил една од своите склуптури која ја нарекол токму Центарот на Европа. Уметникот Каросас во раните деведесетти години побарал донации од владите на европските земји за изработка на оваа склуптура, а пари донирале само тогашната македонска Влада, претставниците на Фуџифилм во Литванија и амбасадата на Германија во Вилнус.

Скулптурата е триаголник околу кој се поставени плочи на кои се испишани имињата на европските главни градови, бројот на километри и насоката кон која се наоѓа секој од нив.

Македонска Влада за реализација на скултурата донирала 1.627 долари, како што тогаш побарал авторот Каросас. Парите, како што информираат од Управата на паркот, кај нив биле испратени пролетта 1995 година.

-Тоа беше време кога креативната енергија и ентузијазмот лебдеа во воздухот. Ние ја создававме нашата независна држава, наведуваат од Управата на музејот.

Луѓето од вашата земја, посочуваат од таму, се многу среќни кога ќе видат дека главниот град Скопје е ставен во географскиот часовник, каде европските земји се обележани со информацијата за оддалеченоста од центарот на Европа.

Како се создаваше Паркот на Европа?

Паркот на Европа (www.europosparkas.lt) е основан во 1991, а целта на музејот е да му даде уметничко значење на географскиот центар на европскиот континент. За да стасате таму ви требаат дваесет минути возење од центарот на Вилнус, главниот град на Литванија. Отворен е од 10 часот наутро до зајдисонце.

Се наоѓа во прекрасна природна околина на 55 хектари, а по пристигнувањето таму впечатокот се надополнува со уметничките дела поставени низ неа.

Првата скулптура или повеќе уметничка инсталација која ве пресретнува на патот што води до Управниот објект на Паркот е составена од стари телевизори од времето на поранешниот Советски сојуз. Нејзин автор е токму Каросас. Ова уметничко дело е забележано од Гинисовата книга на рекорди како светски најголемото уметничко дело со телевизори.

Основачот на паркот Каросас ни ја раскажа приказната како бил создаден овој парк, каде се изложени повеќе од 120 дела на уметници од 34 земји. Дванаесет од нив се негови дела, а тој, како што вели, се уште создава.

Во музејот на отворено свои дела имаат и уметници како Абаканович, Опенхејм, ЛеВит. Од балканските земји само Македонија донирала средства за скулптурата Центарот на Европа, а изложена е само една скулптура од автор од Хрватска.

Познатиот литвански скулптор и автор на проектот зборуваше за визијата што ја имал на крајот од осумдесетите години и почетокот на деведесетите, кога всушност Литванија станува независна држава.

-Луѓето прашуваа зошто сакам да го направам тоа. Се и припаѓаше на државата. Не беше лесно да ја добиеме првата дозвола да ја исчистиме шумата и да поставиме скулптури. Тоа беа други времиња со други проблеми. Секој период си носи свои проблеми. На пример, кога Литванија стануваше капиталистичка земја, имаше интерес од многу луѓе за оваа земја. Тоа беше период кога земјата беше многу скапа, и во еден таков период на „див капитализам“ некои бизнисмени ја сакаа оваа земја или дел од неа. Но сега го немаме тој проблем. Сега можеби е време кога The Europas Parkas е признаен и за нас е полесно да функционираме, вели тој.

Поголемиот дел од земјата на која се протега Паркот се изнајмува од државата.  Годишно Паркот го посетуваат 14.000 туристи, а главните приходи доаѓаат од продажбата на влезници.

-Секогаш недостасуваат средства, но ние сме невладина организација. Главните приходи доаѓаат од продажбата на влезници, за да опстанеме, за да ги продолжиме нашите активности, за да бараме спонзори. Многу мал процент добиваме од владата, вели Каросас.

Преку создавањето на Паркот на Европа, смета дека создал нешто реално, како подарок за неговата земја Литванија.

-Преку таа работа, преку креирањето на Паркот на Европа, мислам дека создадов нешто реално, реален подарок за Литванија. Ова е моја донација за земјата во која живеам, во која работам, каде што се моите родители, се... За иднината секако, ова е жив проект. После мојата смрт или ако се случи нешто би можело да биде грижа на државата, вели уметникот.

Скулптурите и уметничките дела што се поставуваат во Паркот се бираат на различни начини.

- Вообичаено малите скулптури се веќе изработени или конструирани, поголемите скулптури се работат на самото место. Некои од нив се прават во фабрики и во делови се транспортираат и се склопуваат овде. Навистина тоа е многу работа, вели литванскиот уметник. За неговите дела вели дека  дел од нив се направени специјално за ова место.

За тоа дали плаќаат за скулптурите, Каросас вели дека авторите не бараат да им се плати за нивната идеја.

- Тие ги донираат и сакаат нивното дело да биде изложено во некое уметнички место, а не во близина на банка или супермаркет. Секако дека мора да се погрижиме за материјалите, за занаетчиите кои ќе ја работат..., раскажа.

Македонија и скулптурата Центарот на Европа

За време на разговорот со овој спонтан и скромен уметник прашуваме дали уметник од Македонија има своја скулптура во Паркот, но наместо одговор на неговото лице се појави насмевка. Раскажа дека македонската Влада била единствената која донирала пари за изработка на неговата скулптура Центарот на Европа.

-Македонија? Испратив писма до премиерите на европските земји и до македонската Влада и тоа што беше многу добро, македонскиот премиер рече: да, нашата Влада ќе помогне за да се направи тоа дело Центарот на Европа. Тоа беше многу добро зашто повеќето од премиерите одговорија дека тие немаат пари и дека не се во можност. Македонија беше многу великодушна, вели уметникот на Музејот на отворено.

Не однесе токму пред скулптурата, каде е забележано името на Република Македонија и годината кога е направена, а е поставена во близина на Управната зграда и придружните објекти на паркот.

текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »