речник контакт

Патувањето на возовите на МЖ е како авантура, не се знае кога ќе стигнеш реагираат патниците

Патниците реагираат дека доцнењето е со часови а не со минути како досега

Петар Печков

Поголемиот дел од патничките возови на Македонски железници, последните десетина дена возат со големо задоцнување. Патниците кои ги користат услугите на МЖ реагираат дека доцнењето е со часови а не со минути како досега.

Минатиот вторник патничкиот воз од Скопје задоцнил до Велес цели 150 минути, наместо во 17,40 пристигнал  во 20,15 ч. Саботниот вечерен од Битола во Велес пристигнал пред полноќ 23,30 иако по возен ред во 21ч. Во неделата попладне патничкиот воз од Гевгелија кој во Велес пристигнува во 18,40 допатувал во 20 ч.

„Патувањето со воз стана како авантура, не знаеш кога ќе тргнеш, ниту кога ќе стигнеш. Не е ни малку пријатно на пусти станици, да се чека со саати, на жешкото сонце“ - велат патниците.  
Тие сведочат дека има случаи кога возовите се расипуваат, како што било со патничкиот од Скопје,минатиот вторник, кој се расипал на железничка станчила Зелениково и чекал да дојде друг да го замни, или со патничкиот во неделата попладне кој се расипал во  станицата Клисура. Велешанка која од Австралија дошла дома по 15 години, во сабота сакала со воз да патува до Скопје.

 „По редот на возење, воз има на пладне, и со такси од пазариште стигнав на железничка. Кога таму воз немаше иако тргува од Велес. Ми кажаа дека не дошол и се вратив назад“ - го сподели искуството ова сограѓанка.

И додека патниците посочуваат примери дека дел од  возовите се расипуваат, од МЖ Транспорт објаснуваат, причинети за доцнењето се од високите температури.   

„Задоцнувањата се директно и индиректно поврзани со ограничувањата на брзината на возовите на пругите на македонските железници од страна на ЈП Инфраструктура, поради високите летни температури. Тоа значи дека од 12часот до 19часот сите возови сообраќаат со максимална брзина од 50 км/час, а од 19 часот до следниот ден до 12 часот со70 км/час. Продолжените возни времиња го зголемуваат времето на патување, ги крати технолошки предвидените времиња во обртни станици и го нарушува возниот ред на возовите, што само по себе доведува помали или поголеми задоцнувања на овие возови“ - соопштија од АД МЖ Транспорт.

Од година во година се намалува бројот на патници кои ги користат услугите на Македонски Железници поради помалиот број на железнички линии, но и доцнењето и лошите услови за патување. 

На поставеното прашање кога ќе продолжат со сообраќај патничките возови до Кочани и Кичево, кои една година не сообраќаат, од МЖ Транспорт не одговорија.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »