речник контакт

Пензијата за актерот е само административна

Театарот е естетска игра за најхрабрите, тоа е магија сон, која Темелковски ја живее повеќе од 40 години. Интервју со Темелковски

Петар Печков

Иако во пензија актерот Петар Темелковски се уште активен на театарските штици. Не се напушта така лесно  големата љубов кон театарот, па тој деновиве  ја игра ,,Јустинијан Први,,.  Наградата ,,Петре Прличко,,  најавува дека  ќе ја смести заедно со тие за животно дело 11 октомври, 23 Октомври, Св. Климент. Колегите при доделувањето на наградата Петре Прличко велеа дека таа е  во вистинските раце, за актерот кој истраа на сцената 40 години а не подлегна на  кичот, шундот и естрадата во актерството. Театарот е  естетска игра за најхрабрите, тоа е магија сон, која Темелковски ја живее повеќе од 40 години.

Преку неговите Максим Бродски во ,,Р,,  на Плевнеш, Макс Брод во ,,Стапица,,  на Рожевич,публиката го помни во Нови Сад  и Сараево,  а  со ролјата на Дуко  филмот во ,,Најдолгиот пат,, во Пула. Ова се признанија надвор од Македонија. Тука пак  е Исидор Солунски во Еригон  на Плевнеш, Мустакот во ,,Црна,, Одисеј во ,,Филоктет,,. Ова се само дел од ролјите по кој е препознатлив на сцената а награден од жирито и колегите.

Добивате актерска награда за животно дело но и натаму сте на сцената. Можете ли така лесно да заминете од театарските штици?

Ќе продолжам да опстојувам на сцената се додека имам сила и ум. Ние актерите не сме шкрти, се раздаваме во буквална смисла на зборот.  Пензионирањето е закономерен процес, кога еден човек треба да замине на заслужен одмор.  Актерството е таква професија, што седењето дома е повеќе штетно отколку корисно.  Во  кариерата имав една растечка развојна линија. Мојата прва награда беше   далечната 1976-та година на Пулскиот фестивал, за деби, за улогата на Дуко во ,,Најдолгиот пат,, на Бранко Гапо. Прв  неа ми ја честита Петре Прличко и тоа со малото прсте, објаснувајќи дека со останатите ќе ми ги честита другите големи награди и признанија што натаму ќе ги добивам во животот.  Не застанувам. Ја играм ,,Јустинијан Први,, која ќе се игра кон крајот на месецот во Скопје а потоа и во Велес. Имам одиграно  седум претстави досега и продолжувам со неа натаму да контактирам со публиката.

Оставивте зад себе 70 главни и централни улоги во театрите низ Македонија. Остана ли нешто што ви лежи и сакате да го одиграте?

Доста улоги одиграв, оставив зад себе толку ролји. Толку многу цареви сум одиграл, толку многу големи улоги. Не исклучувам во блиска иднина д се зафатам со кралот Лир на Шекспир. Повеќе режисери и театри ме притискаат, дека сега е погодно време да се одигра кралот Лир.

Имате плодна соработка со режисерот Љубиша Георгиевски. Како се пронајдовте на иста вибрација, иста нишка?

Мојата соработка со Георгиевски започна во МНТ, по неговото враќање од Сараево, со претставата Горчин од Жарко Команин, каде јас го играв Пелиново. Така се запознавме по што започна нашата соработка која беше брилијантна и се уште  е. Сите ѕвездени моменти, сите величија, признанија и  мои најубави остварувања во кариерата се поврзани  токму со режисерот  Љубиша Георгиевски. Но не треба да бидам неправеден и  писателот   Јордан Плевнеш. Таа наша плодна тројна  соработка започна со ,,Еригон,, и трае до денес.

Имате само четири улоги во филм, остана ли желбата и на подвижните слики да остварите поголема ролја?

Јас повеќе сум определен кон театарот и оваа уметност. Тука, на сцената подобро се чувствувам, тука е моето искажување. Но и во Македонија нема голема филмска продукција. Одиграв  во три филма на Бранко Гапо, еден  заеднички на Алексндар Поповски и Дарко Митревски и уште неколку  во телевизиски драми и серии.

Ја добивте наградата   за животно дело  ,,Петре Прличко,,. Имавте ли средби со него, дали соработувавте?

Со него се имав сретнато прв пат,  додека студирав и тој побара да го поканам кога ќе завршам. Така и бидна, но поради обврски испрати телеграма со честитки и ми рече дека ме чека. Ова ми беше значајно оти со него не бевме блиски пријатели. По дипломирањето во Софија, отидов кај него на разговор, Прличко беше директор на МНТ и по само седум минути муабет, тој ме прими на работа,  јас добив решение. Ја започнав мојата кариера на први март 1972 година. Со него имав соработка на неколку  театарски претстави и филм.  Морам да прозборам и за ова. Ако зборот легенда му припаѓа некому тоа е токму Петре Прличко. Затоа овој збор легенда мора скржаво да го употребуваме,  за луѓе  на кои навистина им прилега. Бидејќи јас сум роден во Богомила, тој  во Велес, мене ме сметаше за земјак, иако јас по заминувањето од населбата имам отидено помалку отколку што тој таму престојувал, кога рибарел на Бабуна.  Наградата е мошне значајна, посебно  за делото на  Прличко. Преку оваа награда Петре Прличко, го обновува своето живеење, својата актерска вечност,  иако тој никогаш  не заминал од театарот.  Морам да ја пофалам велшката локална власт и театарот што воспоставија ваква награда.

Вие  пет години сте  селектор на националниот фестивал ,,Војдан Чернодрински,,, го следите театарот. Каков е впечатокот за тоа што се игра,з а актерите за состојбата во македонскиот театар?

По службена должност ги гледам сите претстави што се играат во Македонија. Имам впечаток дека театарот во земјава е на многу добро ниво. Имаме помлади актери и талентирани. Тие се од сите генерации и од почетниците и од средната генерација. Ако Македонија со нешто може да се пофали тоа е театарот, тоа е културата. Имаме голем и силен потенцијал не само во театарот, туку и во сликарството, писатели.  Тие можат да се вбројат во светскиот врв.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »