речник контакт

Пеплосано училиштето во село Иванковци

За четири часа изгоре до темел училиштето во селото Иванковци а од објектот останаа само ѕидовите. Материјалната штета милионска.

Петар Печков

 

Зградата која неодамна беше реновирана и дом за седумдесетина ученици е пеплосана, заедно со комплетниот инвентар, целокупната документација и евиденција и стотина компјутери. Штетата е  огромна, милионска во денари а триесетина вработени останаа без кров над главата. Огнот избувнал околу полноќ, во неговото гаснење учествувало и локалното население.
     

Беше страшно, кога излеговме од домовите, како дење беше, иако беше полноќ, толкав оган имаше. Кровот гореше, за пет минути пламен имаше дваесет метри во височина. Гасневме колку можевме, но не можевме да спасиме ништо. Добро е што немаше ветер, бидејќи ќе имаше оштетено и куќи од соседството,  а ќе ја зафатеше и блиската шума. Многу бргу се ширеше. Колкава температура имаше, можете да видете и по изгорените керамиди и метални профили, лошо, многу лошо беше – велат селаните, кои пожртвувано заедно со пожарникарите учествувале во гаснењето на пожарот. Пожарникарите биле алармирани  околу полноќ, веднаш по добиената информација.

Кога стигнавме кровната конструкција беше целосно изгорена и падната врз зградата. Го локализиравме огнот до четири часот и добро е што ги спасивме куќите што се до објектот, бидејќи пожарот беше од огромни размери – изјави Ристе Мицев, командир на противпожарната единица.

Таа огнот го гаснела со две нивни возила и две цистерни на ЈКП Дервен. Директорот Златко Јанев најави дека до петок завршените осмоодделенци ќе ги добијат сведителствата, за да можат да се запишат во средно училиште а на останатите ученици ќе им бидат врачени на 25 јуни, кога ќе се делат и сите ученички книшки во општината Велес. Локалната власт, заедно со државата најави помош во обновата на училиштето.

Ќе свикаме следните денови вонредна седница на Советот на општината, каде ќе ги добиеме првите информации за пожарот, но и да одлучиме за натамошните чекори како локална власт. Огнот уништи целосно обновена зграда и имаме три месеци пред нас, за на есен учениците да влезат да учат во соодветен простор и се надевам дека со Министерството за образовaние ќе најдеме решение за децата од Иванковци – изјави Горан Петров градоначалник на Велес. СВР Велес врши увид од добиените резултати ќе се знае причината на пожарот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »