речник контакт

Перчулица – непозната и ретко посетена планина во велешко

Таа е дел од венецот Караџица, Јакупица и Даутица

Петар Печков

Во Македонија ма многу планини и планински ограноци за кои е тешко да се одреди од каде започнува една, а каде завршува друга планина или планински огранок. Но, не секогаш сите планини и ограноци се претставени и презентирани, разбирливо се врши еден вид генерализација (селекција) се со цел читателот да не се доведе до забуна,  а воедно на еден поедноставен начин да се претстават планинските масиви. Во оваа прилика за  планински огранок кој по својата форма и височина заслужува поголемо внимание.

Планината Перчулица или Беличката Планина се наоѓа во централниот дел на Р. Македонија и претставува дел од планинскиот масив Мокра (Јакупица). На планината Перчулица и припаѓаат централните и западните делови од овој широко распостранет масив. Перчулица е сместена помеѓу три големи планински ограноци (Караџица, Јакупица и Даутица), кои за разлика од Перчулица се многу повеќе познати и навлезени во литературата. На север од планинскиот огранок Караџица, Перчулица е одвоена со превојот Порта (2037 m) и Солунското Поле, на североисток и исток од Јакупица (Солунска Глава 2540 m),  исто така е одвоена со Солунското Поле, а додека на југ постепено се снижува кон Даутица.

Често пати, Перчулица е поврзувана и означена како дел од огранокот Даутица, но тоа е дискутабилно, бидејќи гребенот на Перчулица има разграничување со Даутица, нив ги одвојуваат превојот Плавник (2065 m), планинското зарамнување наречено “Горно Бачило“ и Крив Дол.

Исто така, планината Перчулица е изразито повисока од планината Даутица и доминира во однос на пониската Даутица, а воедно гребенот на Перчулица во месноста Бабина Дупка постепено се спојува со гребените на Даутица и Јакупица. Во контекст на тоа, Петар С. Јовановиќ во 1928 година запишал дека гребенот Марина Дупка – Бабина Дупка (Перчулица), припаѓа на т.н. “Висока Јакупица“, а истата е составена од три паралелни венци и две планински депресии.

Имено, Јовановиќ ги издвоил Централниот планински гребен (гребенот од Солунска Глава до врвот Убава), Депресијата на Караџица (Шилегарник), гребенот на Караџица, Солунско Поле и гребенот Марина – Бабина Дупка (Перчулица), а со тоа дава на знаење дека гребенот Перчулица (Марина – Бабина Дупка) претставува посебен гребен и не припаѓа на планината Даутица, која ја наведува како оделен огранок. Инаку, гребенот на Перчулица (Марина – Бабина Дупка) со Солунското Поле има јасно одвојување од Јакупица и не може да се додаде на огранокот Јакупица (Солунска Глава), на кој и не припаѓа.

 

Перчулица има еден главен гребен во должина од  5 km, кој се протега во правец северозапад – југоисток. Гребенот е составен од четири врва, кои се повисоки од 2300 метри, а меѓу нив највисок е врвот Перчулица (2423 m), кој е трет врв по височина на масивот Мокра Планина (Јакупица). Истиот врв, над околниот терен се издигнува во форма на “вулканска купа“, но во никој случај не се работи за вулкан бидејќи самиот врв е настанат под влијание на карстните и глацијалните ерозивни процеси.

На самиот врв има голема длабнатина во форма на цирковидна вртача,  а по неа врвот е познат уште како Марина Дупка. Покрај овој врв, исто така познат е и врвот Бабина Дупка или Горна Бабина Дупка (2326 m), во чија близина поминува планинарската патека од Чеплес кон Солунска Глава.

 

Во поглед на геолошкиот состав, планината Перчулица е претежно изградена од мермери и доломити. Во централниот и западниот дел застапени се сиви среднозрнести калцитски мермери, а на југ кон Даутица има темни до црни ситнозрнести мермери. Кон запад во пониските делови се среќаваат белосиви ситнозрнести доломити. Бидејќи просторот е изграден од карбонатните карпи (мермери и доломити), а со појава на големи количини на водена маса настанува силна карстификација (карстна ерозија или растворување и распукување на карпите), која масовно се манифестира и го преобразува првичниот релјеф. Во тој контекст, на планината Перчилуца има појава на повеќе површински и подземни карстни форми. На површината се забележува т.н. сипаничен карст, каде има појава на повеќе вртачи и ували (мали и големи длабнатини). Оттаму доаѓаат и народните топоними Марина Дупка, Бабина Дупка и др.

Подземниот карст е преставен со повеќе пропасти и пештери. Најдлабока пропаст на планината Перчулица е пропаста Длабока Јама (Пропаст) или позната уште како Солунска Пропаст V. Оваа пропаст има длабочина од 370 метри. Во подножјето на планина Перчулица, во месноста наречена “Даф Пат“, непосредно до селото Белица се наоѓаат две пештери (Лапарница и Голубарница), кои се доста добро проучени.

Покрај карстниот релјеф, на планината се среќаваат остатоци од глацијалната ерозија. Истата е претставена со појава на повеќе циркови (анфитеатрални длабнати настанати со движење на мразниците под дејство на гравитацијата), кои под влијание на карстната ерозијата се изменети и се претставени во форма на цирк – вртача.

Перчулица како карстна планина (водопропуслива планина) е сува, без појава на вода и површински текови. Извори речиси и да нема, а вистинско богатсво претставуваат два извора, првиот се наоѓа во месноста Чавкарник (1890 m), а вториот е лоциран во дното на Солунското Поле (1978 m).  Покрај овие, извори има и на соседното било на планината Даутица, над Горно Бачило.

Вегетацијата на планината Перчулица е еднолична. Од дрвенестите растенија доминира црниот бор, кој се протега до височина од 1900 m. Покрај црниот бор, се среќава и грмушестиот кривулест бор, кој во споредба со северните падини на Солунска Глава, овде го има помалку (Горна Бабина Дупка).  Пасиштата повеќе се застапени на западните и јужните падини, а помалку на северните делови, кои претежно се карпести.

Планината и врвот Перчулица (2423 m) се ретко посетени, а за тоа има повеќе причини, една од нив претставува поголемата атрактивност на врвот Солунска Глава (2540 m), кој е највисок врв на масивот Мокра Планина (Јакупица) и доминира над целиот простор, па се околу него е во сенка и втор план.

Исто така, една од најважните причини за нејзината запоставеност е одалеченоста и непристапноста на врвот Перчулица, а како причина може да се наведе и безводноста која ја прави планината непривлечна.

До планината и врвот Перчулица може да се стигне од два правци, првата патека води од планинарските домови Папрадиште (990 m) и Чеплес (1410 m) кон Горна Бабина Дупка, од каде не се продолжува кон Солунска Глава, туку се искачува западниот врв Горна Бабина Дупка (2326 m), а оттаму се продолжува северозападно по гребенот се до врвот Перчулица (2423 m).

Втората патека води од селото Белица (550 m), каде најпрво се искачува шумовитиот срт Јачмиште, а потоа се продолжува по високопланинските пасишта се до врвот Перчулица. Истата патека од Белица па се до Јачмиште е прегледна, а од ѕидините на некогашната колиба во Јачмиште патека се губи и бара внимателно движење по високопланинската трева се до врвот Перчулица.  

Патеката е многу стрмна и се искачува релативна височина од 1860 метри. Доколку се одлучите да го посетите врвот, подобро е да се упатите од велешката страна (Чеплес). 

Автор на текстот  Дарко Стојчески, дипломиран географ 

преземен е од  http://www.igeografija.mk/

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »