речник контакт

Пет општини од Повардарјето на граѓаните можат да им издаваат 25 услуги по електронски пат

Во програмата вклучени се општините Велес, Лозово, Градско, Росоман и Демир Капија. Проектот е реализиран преку УНДП

Петар Печков

Жителите на пет општини од Повардарјето добија можност општинските услуги да ги добиваат и електронски. Околу 70 илјади  граѓани можат да  добиваат 25 услуги по електронски пат.  Проектот кој се работеше девет месеци,  финансиски е помогнат од  Програмата за развој на Обединети Нации (УНДП) и  Бирото за регионален развој.

„Голем дел од услугите кои ги даваат локалните власти, сега се дигитализирани. Тоа во пракса значи нема чекање, нема хартија, голем дел од услугите можат да се добијат од дома. Транспарентноста и отчетноста ќе бидат на поголемо ниво. Можноста за манипулации е нула, граѓаните ќе можат да ги следат нивните предмети до каде им се“ - кажа Марко Колев градоначалник на Велес. Во програмата вклучени се општините Лозово, Градско, Росоман и Демир Капија.  

„Го промовираме ЛОГЕС, првиот софтвер за е-услуги на локално ниво во државата. Оваа дигитална алатка е чекор напред, која овозможува многу придобивки за граѓаните. Го олеснува пристапот до услугите, ја зголемува ефикасноста на работата и резултира со заштеда на трошоците. Ова е практична материјализација на принципот на ОН „никој да не биде изоставен“ со што во пракса е покажува дека сите се еднакво третирани“  -  рече   Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во Македонија. Вкупниот буџет на проектот  изнесува три милиони денари, од кои УНДП донираше 2,55 милиони.

„Дигитализација на општинските услуги значи користење на време. Наместо како досега да идат до општините, граѓаните можат да го користат од дома, по електронски пат. Поедноставени се услугите и стигнавме на ова иновативно ниво на работа, кое е полесно за сите“  - вели  Рамиз Реџепи директор на Бирото за регионален развој.

Граѓаните доколку сакаат по сопствен избор, може да одат  на општинските шалтери и да добијат потврди на хартија.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »