речник контакт

Пипи Долгиот Чорап, најпознатиот лик на Астрид Линдгрен

Авантурите на Пипи Долгиот Чорап настанале во најтешките моменти од животот на Астрид Линдгрен, кога ја негувала тешко болна ќерка Карин

Петар Печков

Астрид Линдгрен, шведска писателка за деца е родена на 14 февруари во 1907 година, а починала на 28 јануари во 2002 година. Делата и се преведени на 80 јазици, објавени се во повеќе од 100 земји што ја вбројува меѓу најпопуларните писатели на литература за деца.

Пораснала на имот во јужната шведска покраина Смаланд, во семејство со многу љубов и грижа и приказни. Од мала нејзиниот талент бил изразен па од нејзиното рано детство и претскажувале дека ќе биде писателка. Детството на малиот селски имот ќе биде честа тема на нејзините книжевни дела.

Во 1944 година со книгата Брит Марие го отвара своето срце, освоила второ место на натпревар што го распишала издавачката куќа Рабен и Сјорген. Следната година победила со романот Пипи Долгиот Чорап, кој го преработила откако го одбиле во издавачката куќа Бониерс форлаг. Од 1946 до својата пензија во 1970 година, работела како уредничка за детска книжевност кај издавачот Рабен и Сјогрен.

Списанието Дамернас ворлд во 1948 година ја испратил во САД како своевиден дописник каде директно се соочила со дискриминација на црнечкото население. Од престојот во Америка била инспирирана да ја напише книгата Кати во Америка.

Приказните со кои стекнала светска слава, тие кои говорат за авантурите на Пипи Долгиот Чорап настанале во веројатно најтешките моменти во животот на Астрид Линдгрен, кога ја негувала својата тешко болна ќерка Карин.

Речиси 120 наслови обработуваат широк спектар на теми: од детството во село и град, проблеми при растење како што е осаменоста (Мио, мој Мио), криминалистички приказни, на пример тие за детективот Калеј Бломквист, соочување со тешки моменти во животот како што е смрт во семејство, во романот Браќата со Лавовско срце.

Често е многу комична како во серијалот за Емили од Лонеберг. А често користела и фантастични елементи како тие во приказните за најсилната девојка на светот, Пипи. Интересно е дека романот по излегувањето предизвикал поделено мислење, бидејќи главната јунакиња во најмала рака има контроверзни ставови кон општествениот поредок. Поради анархијата и провокативниот карактер, францускиот превод се до 1995 година бил издаван во цензурирана верзија.

Според многу нејзини дела снимени се филмови за деца, а подоцна иако долго се противела на тоа, снимени се и анимирани филмови.

Освен по своите литературни дела, Астрид Линдгрен е позната и како активистка во борба за правата на децата и правата на животните. Поради своето залагање за правда, рамноправност и ненасилство, била една од најголемите морални авторитети во Шведска. Добила и многу признанија за својата хумана работа; наградата Right Livelihood Award, позната и како алтернативна Нобелова награда, е само една од најпознатите.

Добитничка е и на многу награди за книжевност, меѓу другото и на Награда на Ханс Кристијан Андерсен во 1958 година, најпрестижна награда за литература за деца и млади.
По нејзината смрт, во 2002 година, шведската Влада основала литературна награда во нејзино сеќавање, која го носи нејзиното име.

Пипи Долгиот Чорап

Пипи Долгиот Чорап е најпознат измислен лик на Астрид Линдгрен. Книгите за Пипи Долгиот Чорап преведени се на 92 разни јазици. Пипи е необично девојче. Посебно во 40-тите години од минатиот век, кога биле издадени книгите, била доживувана како контроверзна. Таа е најсилно девојче во светот, има пеги и црвени плетенки кои стојат во вис, противејќи се на возрасните и е невоспитана. Живее без родители во куќа наречена Вила Вилекула, заедно со својот пегав коњ Лила губен и мајмунот Господин Нилсон. Нејзината мајка е на небото, таткото Ефраим Лангструмп е крал на црнците на островот Курекуредутон во јужното море, а таа има вреќа полна со златници.

Во зимата во 1941 година седумгодишната ќерка на Астрид Линдгрен се разболела од пневмонија и рекла на својата мајка дека сака да ја слушне приказната за Пипи Долгиот Чорап. Линдгрен почнала да и ги раскажува приказните и овие приказни ја воодушевиле и Карин и нејзините пријатели. Во март во 1944 година, кога Линдгрен не можела да се движи бидејќи стопалото и било повредено, почнала да ги запишува приказните за Пипи. Ќерката Карин за својот десети роденден ги добила овие приказни на подарок.

Откако прво била одбиена од издавачката куќа Бониерс форлаг, книгата ја издала куќата Робен и Сјорген во ноември 1945 година. Следеле уште две книги и неколку покуси раскази и сликовници.

текстот е преземен од Бука - Сараево

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »