речник контакт

По три децении работа со најхуманите луѓе крводарителите, пензија за д-р Поцкова

Велешани најчесто имаат од позитивната крвна група и тоа А и 0, па доаѓаат Б и АБ, оваа процентуална застапеност е резултат на поднебјето во кое тие живеат. 85 отсто од граѓаните се РХ позитивни, додека остатокот се РХ негативни.

Петар Печков

Цел работен век доктор Љиља  Поцкова  од Велес,  им го посвети на крводарителите, на најхуманите луѓе.  Таа од неодамна, од почетокот на годинава замина во пензија, по  38 и нешто повеќе години работа со луѓето кои знаат да ја подадат раката и да даруваат крв, течност кој освен човекот не може никој друг да ја создаде.  Сега таа заслужено одмара и  со задоволство се сеќава на миговите минати со  крводарителите, за кои има најубави зборови. Долги години беше началник на Одделението за трансфузиологија во велешката Општа Болница, кое може да се пофали со одлични резултати во крводарувањето а Велес секогаш бил во републичкиот врв .

Многу ја сакав медицината, имав голема желба да бидам доктор специјалист по трансфузиологија, оти тоа е една од клучните улоги  во непосредното  помагање на пациентите кои се на лекување во Болницата. Таа помош нема да  биде ако не се крводарителите, за кои има само пофални зборови, посебно ги ценам како луѓе и со респект и пиетет се однесувам кон нив, цел работен век. Ми беше големо задоволство работата во оваа служба, бидејќи имавме одличен тим, кои беа хумани, несебични, и совесно ја вршевме заедно работата. Тоа резултираше со  фактот Велес да има голем број крводарители. За ова секако заслуга има и мојот претходник д-р Стојан Кулејџиоски -  вели примариус д-р  Поцкова.

Таа во  1974-та завршила Медицински факултет  и до 1982 - работела како млад доктор по амбулантите, потоа специјализирала а од 1985-та година како трансфузиолог  доаѓа во ова одделение, а таму е раководител од почетокот на 94-тата. Доктор Поцкова не може да ја заборави 1989-тата година кога собрале рекордни 7 отсто  крв од вкупното  активно население во општината, што е светски резултат па Велес станал  рекордер во Југословенски рамки а градот таа година беше домаќин  и на најдобрите крводарители од целата тогашна држава. Службата пак добила признание од Министерството за здравство. Ова високо ниво продолжува во  наредните години, во самостојна Македонија, Велес е секогаш при врвот.

Ведрите лица на крводарителите не можам да ги заборавам, тие секогаш ја подаваа раката кога е најпотребно. Посебно задоволство беше кога доаѓаа со нивните фамилии, со децата, кога тие беа и бебиња па имаше моменти кога во нашето одделение  се слушаше детскиот плач иако не  работевме со мали пациенти.   Во оваа листа на крводарители би била неправедна ако не ги споменам крводарителите од Градско, Чашка и Лозово, бидејќи сите тие доаѓаа кај нас во Велес. Крводарителството станува семејна традиција, се вклучуваат цели фамилии татко, мајка, деца. Тие ја продолжуваат најблескавата, најстарата  човекова мисија, директна помош од човек на човек. Овие луѓе имаат големо,  широко човечко срце, полно со љубов, даруваат дел од својата душа за да помогнат некого кого не го знаат, само за да спасат живот – вели д-р Љиља. 

Не се случило во велешката Болница  во последните 30 години да нема крв од било крвна група  потребна на пациент, тако нешто во Велес не се памети. Затоа има  едно големо фала за крводарителите. Не се случило ниту директно семејно, фамилијарно дарување, бидејќи  според  принципите на Светска Здравствена организација тоа треба да биде  безбедно, анонимно, доброволно, солидарно и над се  бесплатно, семејното не е препорачливо. 

Стравував во периодот на транзицијата, оти Велс беше индустриски град, дали ќе доаѓаат  луѓето да даруваат крв, кога имаат егзистенцијални проблеми. Но тие останаа хумани, иако имаа проблеми  во животот, стечајци, технолошки вишок, невработени и понатаму останаа верни, останаа луѓе, останаа хумани. Ме радува што и учениците  си наполнети 18 години масовно даруваат крв – објаснува д-р Поцкова. 

Таа со нејзината  уредност, ведар дух, стручност, грижа ги плени пациентите кои и денес со почит  се сеќаваат на неа. Средбите  со крводарителите во пензионерските денови сега и се големо задоволство како човек, што не ја одминуваат, ќе застанат на муабет и ќе се заблагодарат. Тоа ја исполнува, и дава за прво дека  работела чесно и во интерес на луѓето. Така работела и со пациентите од одделението за хемостаза и тромбоза,  кои не ги запоставила  и давала здравствена заштита и терапија и на овие лица.

Семејството на Љиља Поцкова е облечено во бели мантили сопругот Лазар е  хирург, ќерката Маја дипломиран фармацевт, синот Слободан    доктор кој приватно специјализира уво грло нос. Внуката Лилиа  на возраст од две и пол години пак е најголемото задоволство на сега пензионираната докторка, целото слободно време и го посветува нејзе.  Ја засакала помошта кон луѓето, тоа е аманетот на мајка и Слоботка која  била борец и болничарка во Тиквешкиот одред во  НОБ. Д-р Љиља Поцкова е автор и на дваесетина научни труда од областа на трансфузиологијата а долги години волонтираше и во општинскиот Црвен крст.

Доктор Поцкова дел од својот живот и од своето слободно време му ги посвети на Црвениот крст на Велес. Таа беше вредна, енергична, со углед меѓу крводарителите и со нејзината работа  успеа да помогне  во постигнувањето на одличните резултати  на полето на крводарувањето.  Конструктивна, расположена, стручна со респект кон секој волонтер и крводарител, не се штедеше и беше на располагање.  Докторката беше долги години претседател на комисијата за крводарување  и таа ги мотивираше дарителите да бидат постојано активни.  Се надеваме дека иако е во пензија  ќе остане дел од нашето семејство во општинскиот Црвен Крст – вели д-р Милчо Трајков претседател на Републичкиот Црвен крст.

Велешани најчесто имаат од позитивната крвна група и тоа  А+ и 0+, па доаѓаат Б+ и АБ +, оваа процентуална застапеност е резултат на  поднебјето во кое тие живеат. 85 отсто од граѓаните се  РХ позитивни, додека остатокот се РХ негативни.  Најретка е АБ негативна а д-р Поцкова вели дека и покрај нискиот процент не се случило да имаат проблем со пациенти од ова крвна група.,, Имавме  малку крводарители но и малку пациенти од оваа крвна група. Затоа пак помагавме на други градови и болници,,.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »