речник контакт

По ниска цена се откупува младиот кромид од Башино село

Повеќето од половината од родот е по бавчите, пласманот неизвесен, башино селци разочарани од понудата 70 денари за сноп

Петар Печков

Иако минаа две три седмици од откупот на младито кромид од велешко Башино село, тој како  да заврши за одгледувачите. Само пет дена траеше организираниот откуп кој  беше  наменет за Хрватскиот пазар. Но раниот католички Велигден, уште на  1-ви април и доцните студови во оваа држава, која е најголем конзумент на  раниот зеленчук од велешко, придонесоа дури половината од родот да  остане по  бавчите, се жалат бавчованџиите. Годинава откупната цена на почетокот на откупот  се симна на само 70 денари за сноп.  

Годинава е мошне слабо со откупот на младиот кромид, немаше извоз. За Хрватска отидоа 5-6 шлепери и  толку.  Пласманот за тамошниот пазар траеше кратко неколку  дена. Целиот род од Башино село е премногу за Македонија и цената страшно падна. Го откупуваат и за 70 денара еден сноп. Ова е една од најслабите години. Лани го откупуваа 350 па стаса до 200 денара за сноп, па видете колкава е разликата. А  остана уште многу за продажба, повеќето од половината од годинашниот роде по бавчите.  Некој  почнаа под фолиите да  фризираат, за да засадат млад домат и  пипер. Причина е што католички  Велигден е многу рано, имаа таму невреме снегови студови, мразови до пред некој ден и немаше интерес за да го откупуваат. Многу се скрати периодот за откуп   - вели   Тихомир Петрушев кој со години одгледува млад кромид. 

Се надева дека ситуацијата со младиот лук ќе биде подобра и дека тој барем ќе врати дел од вложените  пари. Во Башино село кое брои 200 куќи со илјада жители, безмалку сите одгледуваат ран заленчук и тоа им е основна егзистенција.  Двете сосетки Ангелина Наумова која има 80 години и  Благојка Велкова која има  78 и покрај годините и натаму вредно работат. Ангелина со сопругот  го чисти и врзува младиот кромид, додека Благојка оди на бавча. Благојка се пожали дека годинава не им се погодил младиот кромид, пожолтел ништо не продале и стравува дека сега е веќе доцна па ќе мора  целиот труд  го фрлат.

Ете тоа ќе работам деновиве  со дедо Симе. Ќе го корнеме па ќе мораме да го фрламе, ни денар  нема да земеме  а ќе работиме уште, како претходно  цела зима- вели Благојка. На другиот крај од селото е Никола Бабуновски, тој го подготуваше младиот кромид да го предаде на  откупувачи од скопско. 

На почетокот добра беше откупната  цена - 40 денари за килгорам, или 400 за сноп. Ама откупот за Хрватска заврши за три дена и сега плаќаат 80 за сноп и уште паѓа. Ова е срамна цена - додава Никола.

На сред село три камиони со скопски и кумановски регистарски таблички. подготвени чекаат да откупат од младиот кромид или млад лук. Мемед Весели од Скопје е присутен во Башино село вели со децении, ги познава луѓето и тие  него, постарите научиле и по некој албански збор па лицитираат за цената. 

Триесет години откупувам млад кромид од Башино село. Падна цената поради лошото време во Хрватска, не можеше да се товари, да се испорача. Ова што го откупувам завршува во Скопје и за Приштина и  на  Косово - вели Весели.

Идејата за откупен центар во Башино село, како можност за надминување на ниската цена,  пред неколку години, тогашната власт ја отфрли  бидејќи раноградинарските производи во велешко ги имало само два месеци а друга култура во овој дел од Македонија немало за да може откупен центар да работи преку  целата година и да биде економски исплатив. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »