речник контакт

По три години, оваа зелената смоква добро роди а дел од велешани се офајдија од нејзиниот откуп

Вообичаено во периодот после Ѓурѓовден бројни сограѓани заминуваат по течението на реката Вардар, Тополка и Бабуна на берба на зелени смокви

Петар Печков

Велешани прибираат  вонредни приходи од сезонска работа, собирајќи оваа пролет зелени смокви. Откупот на зелената смоква во велешко  привршува a дел од  велешките семејства  добро минаа финансиски од бербата. Вообичаено во периодот после   Ѓурѓовден бројни сограѓани  заминуваат по течението на реката Вардар, Тополка и Бабуна на берба на зелени смокви. Ја има и по должината на пругата Велес- Гевгелија.

Немаше род три години, оти во зимата 2017-та студот ги измрзна смоквите. Годинава роди, беше добра.  Бербата не е физички  тешка, но  крие опасности и има специфики поради кои берачите мора да бидат внимателни. Се бере со ракавици оти млечот од дрвото може да предизвика алергии и црвенило по телото. Потоа змиите се секогаш во близина на овие дрвја, така што  бербата за некои лица  може да биде опасна по здравјето – вели Горан, како што се претстави  велешанецот кој го предаваше откупеното јужно овошје.

Берат и старо и младо, сите за пополнување на домашниот буџет. За неколку часа собираат по 10 до 15 кг. зелени смокви.  Во Велес има три фирми кои го откупуваат родот, Маслодајна, Уни-стар и Јоми-фуд, од кои потоа  подготвуваат  слатко, а  цената се движи од 28 до 35 денари за килограм, во зависност дали плодот е со дршка или без неа. 

Теглите со слатко од зелени смокви се пласира на македонскиот но и странскиот пазар. Во овој период  производителите имаат полни раце работа со преработката и подготвување на слаткото, за кое велат дека од деликатес станало секојдневие и продажната цена многу му паднала.  Затоа пак дел од градот, околу фирмите кои откупуваат и подготвуваат, мириса на слаткото од смокви.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »