речник контакт

По четврти пат, започна судењето за убиството во Ореше

Започна новото судење за убиството во Ореше откако претходната ослободителна пресуда падна оти била неразбирлива, контрадикторна и противречна

Петар Печков

По неколку обиди, со процедурални забелешки  од бранителите кои редум беа  одбиени, во Основниот суд во Велес започна четвртото судење за убиството на  Лазо Милошевски во селото Ореше кое се случи на 2 декември 2005-тата година.  Според обвинението Ѓоре Петровски се гони  како нарачател и браќата Ордан и Љупчо Георгиевски како извршители.

Петровски ова го сторил поради безобѕирна одмазда кон старецот за некои стари нерасчистени сметки. За ова платил 20 илјади долари на браќата Георгиевски кои со купена пушка калашников го сториле убиството а пукал Љупчо Георгиевски. Еден од  двата испукани куршуми го погодил Милошевски додека тој подготвувал вечера  а тој починал од искрварување. Обвинетите ги отфрлија  обвиненијата против нив.

Се што е кажано е монтирано. Не сум платил не сум порачал никакво убиство. Каде се парите што ми се припишуваат дека сум ги платил за да се случи ова. Нема доказ дека имам трансакција до 20 илјади долари. Праќав пари кон браќата, но со цел да се изгради трпезаријата во манастирот  во Ореше а тие парите ги ставаа пред икона. Испратив пари и за лиценца за шурата за обезбедување. Со браќата се знам од деца, од соседни села сме јас од Ореше тие од Папрадиште но немавме некое сериозно пријателство. Се решив да се јавам и преку Ордан да се дадат парите за манастирот оти тој  е чесен човек, полицаец – рече Ѓоре Петровски во неговата одбрана. 

Тој заминал во САД 1997-ма година  а претходно бил застрелан на железничката станица Орешка чука од непознат сторител, но иако куршумот минал низ вилицата и вратот останал без сериозни повреди. За ова дело според обвинението  тој сметал дека стои Милошевски и поради тоа се решил да му се одмазди.   Браќата Ордан и Љупчо Георгиевски кој се во сродство со убиениот Милошевски, тој им е тетин,  го негираа обвинението.

Зад ова монтирано дело стои Стојан Петровски жабата. Тој  со нелегални трансакции на перење пари во висина од 700 илјади евра преку ЕСМ беше уапсен и пуштен. Затоа тој ме мести мене. Ако сме ние сторители зошто во 2005-тата веднаш по убиството не пуштија а не уапсија три години подоцна, откако се вработив во полиција.  Вкупно јас и брат ми од Ѓоре од Америка имаме добиено три илјади евра за кои имаме доказ каде се дадени и за што се потрошени. Не сме сторители но со ова дело и влечењето по судови пет години, ни ја уништија фамилијата – изјави Ордан Георгиевски.

Неговиот брат Љупчо пак побара докази за овој предмет, пушка,  патот на парите, листинзи за  меѓусебни разговори со Петровски во САД а потсети дека парите секогаш во манастирот ги оставеле пред сведоци.  Судењето продолжува со сослушувањето на сведоци.

Во досегашните три  пресуди за ова дело во два наврти обвинетите  Георгиевски добија по 12 години затвор додека во трето кога  му се судеше и на Петровски беше донесена ослободителна пресуда. Апелација сите ги врати. Последната затоа што била неразбирлива, контрадикторна и противречна. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »