речник контакт

Повторно заживеаја куќите на Касапови и Џинот

Повторно се отворија вратите, десетина дена заживеаја чардаците на старите велешки куќи на Касапови и Џинот каде твореа учесниците на сликарско - копаничарската колонија ,,Папрадишки мајстори 2010,,

Петар Печков

 Дваесет и пет автори од пет земји, Романија, Бугарија, Србија, Словенија и Македонија десетина дена работеа на нивните дела инспирирани од старата велешка архитектура, изградена при крајот на 19-тиот век.

Десетина од нив се копаничари, кои се сместени во куќата на Џинот од каде неуморно одекнува звукот на длетото и чеканот. Ниту ваквата физичка активност не и пречи на единствената жена меѓу присутните да се докажува и го создава делото кое ќе му го подари на Велес, градот организатор.

Го работам  на икона со ликот на Св.Пантелејмон бидејќи тој е заштитник, патрон на Велес и на овој начин сакам да му се оддолжам на градот домаќин. Многу е интересна оваа колонија бидејќи имаме можност да се дружиме со сликари па да научиме и ние од нив и тие од нас. Со тоа што годинава дојдовме да работиме во Велес добивме нов квалитет, бидејќи имаме прекрасен поглед кој инспирира. Овој дел на градот е како музеј, се е вредно и значајно. Згора на тоа имаме и чести посети од соседите, обични луѓе кои гледаат како работиме, разговараме со нив, тие прашуваат, па може некое од бројните деца ќе се заинтересира за уметност - вели Љилјана Василева копаничар од Неготино, која втор пат учествува на колонијата. 

Иконата, како и старите мајстори копаничари,  ја работи на ореово дрво бидејќи на него најдобро може да се работи со длетото а делото ќе биде трајно и вековито. Таа работи десет години заедно со нејзиниот сопруг, со кој учествува на колонијата како  и на многу изложби. Меѓу копаничарите во куќата на Џинот, беше и сликарот,  нишлијата Драган Периќ, кој доаѓа по пети пат.

За разлика од претходните години, овој пат работиме во нов амбиент, во стара куќа која е инспиративна, со прекрасен поглед. Привилегија е овде да се работи, бидејќи туристите доаѓаат гледаат и заминуваат а ние тука живееме две седмици - рече Периќ кој работеше  на две апстракции. Меѓу десетината автори кои твореа во оваа спомен куќа имаше и бројни соседи, тие не дошле да реагираат на бучавата од ударите со чеканот, туку да видат како работат времените комшии. Оваа новина во соседството наиде на одличен прием.

Годинава имаме можност да се дружиме со уметници преку оваа колонија. Уште позначајно е што овие стари куќи, кои се реновирани, стоеја празни, сега тие заживеаја, добија времени станари, станаа живи музеи. Прекрасно  е се, се дружиме, луѓето се дружељубиви, живееме за нив и баш ни е пријатно во нивно друштво.  Жално беше што спомен куќите беа со години заклучени и недостапни за посетителите - вели   Панова Ратка сосетка, која често ги посетува уметниците.

Овој пат беше дојдена со внуката, која радознало детски следеше како се раѓа едно уметничко дело. Откако виделе како уметниците ги берат стасаните смокви, им донеле тегло со слатко за да се заблажат и велат творат со повеќе енергија.  На стотина метри од нив се петнаесетината сликари кои работат на повеќе техники, во куќата на Касапови.

Иако започнавме со дванаесетмина колеги, подоцна ни се приклучија уште тројца, кои ја прифатија отворената покана упатена до сите кои сакаат тука да работат. Ова ми дава за право да заклучам дека таа е успешна и ги оправда целите. Згора на тоа сликарите работат и експерименти, што ме редува бидејќи тие истражуваат - изјави Коруновски раководител на сликарскиот дел од колонијата.

Новина е што во нејзиниот тек има уметнички фотограф, кој ќе создаде фотодокументација од работата на авторите.  Изработените дела, од шестата сликарско-копаничарска колонија ,,Папрадишки мајстори,, јавноста во градот, вообичаено ќе ги види на денот на Општината, 9-ти Ноември.

Прв пат сум на оваа колонија и на мое изненадување наидов на добри услови и организација, која овозможува да се пренесат своите чувства на платно. Сметам дека колонијата создаде добри дела, кои публиката ќе ги види наесен. Самиот престој во овој простор со овие луѓе, функционира одлично.  Спојот на минатото преку куќата во која престојуваме, има една моќ и нитка кои се присутни во делата -  изјави Таки Павловски, академски сликар, сценограф и пензиониран професор на ФЛУ.

Според градоначалникот на Велес манифестацијата е преместена од Папрадиште во Велес со цел уметниците да имаат подобри услови за сместување и за работење, но и културно да заживеат овие две куќи.

Успеавме  во напорите  да заживеат двете куќи. Уметниците во Велес можеа да видат како функционира една урбана колонија и имаат слобода да работат на која сакаат локација во градот. Тие беа посетувани од велешани така што годинашнава клолонија го исполни зацртаното - изјави Горан Петров, градоначалник на Велес. Организаторите сметаат дека селењето на колонијата во Велес има многу придобивки, а уметниците можеа да се запознаат со сите знаменитости што ги има градот.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »