речник контакт

Познати жени - Хелена Рубинштајн

Жената која на далечниот континент можеби барала само спас од несаканите кандидати за мажачка, во својот багаж како особена вредност и скапоценост носела креми за лице во 12 кутивчиња кои за неа ги спакувала мајка и, точно по една крема за секој месец што планирала да го помине во градот Колрејн, во Австралија

Петар Печков

Бродот што пред повеќе од стотина години испловил на долго, тримесечно патување кон Австралија, на свој начин му кумувал на раѓањето на една легенда. Жената која на далечниот континент можеби барала само спас од несаканите кандидати за мажачка, во својот багаж како особена вредност и скапоценост носела креми за лице во 12 кутивчиња кои за неа ги спакувала мајка и, точно по една крема за секој месец што планирала да го помине во градот Колрејн, во Австралија. За сите жени од нејзиното семејство тие креми веќе со години ги подготвувал др. Џејкоб Ликаски, успешен аптекар, по потекло Унгарец. И баш секој ден со оваа крема таа си го мачкала лицето, а секоја вечер трпеливо си ја четкала косата поминувајќи низ неа со четка стотина пати. Тој ритуал не смеела да го прескокне и за него секогаш морала да најде време. Но, трудот се исплател, нејзината кожа била свежа, а косата блескава.

 

Во Колрејн, младата дојденка од Европа со својот тен го привлекувала вниманието и измамувала завидливи погледи од тамошните жени. Таа не ја криела тајната за својот изглед, а на својата братучетка Ив, чија гостинка била и на нејзините пријателки великодушно им подарила дел од кремите што ги донела со себе. Практична, каква што била, се сетила дека овие креми би можела и да ги продава и решила самата да ги подготвува. Го откупила рецептот од унгарскиот аптекар и се фрлила на подготвување на кремите. Тоа бил голем успех. Нарачки имало и премногу, па повеќе не успевала да ги подмири самата и го повикала на помош унгарскиот аптекар. Откако ги освоила Австралијанките, тргнала во освојување на светот за наскоро да стане вистинска кралица на козметиката. Така стартувала една голема фабрика која од темел ќе ја смени козметичката индустрија и ќе го прослави нејзиното име – Хелена Рубинштајн.

 

Хелена Рубинштајн се родила во живописниот Краков, на Божик, 25 декември 1872 година. Била прва од вкупно осумте ќерки кои се родиле во семејството Рубинштајн. Материјалните услови во кои живеело семејството биле скромни, но сестрите имале спокојно и мирно детство. Таткото на семејството, Херцел Нафтали Рубинштајн, ортодоксен Евреин, се занимавал со трговија, главно со железарија. Мајката, пак, Гител Силберфилд, со сето срце им се посветила на своите ќерки.

 

Сестрите Рубинштајн биле цврсто поврзани меѓу себе и останале во такви односи до крајот на животот. И физички биле многу слични. Секоја вечер, пред да им посака добра ноќ, мајка им на сите по точно сто пати им минувала со четка низ долгите густи црни коси. Биле тоа вкупно 800 потези секоја вечер. А секој потег го броела на глас. Иако Хелена била одгледувана така што зборот на родителите морал да биде последен, набрзо покажала дека сака да мисли и да одлучува со своја глава. По желбата на татко си, без приговор се запишала во медицинското училиште иако не била воодушевена со тоа. Од неа, како и од нејзините сестри, се очекувало да ги почитуваат родителите и да се омажат за оној што ќе им го одбере татко им. Така, по овој стар обичај, таткото нашол маж и за Хелена. Таа тогаш имала само 18 години, а требало да се омажи за маж кој од неа бил постар дури 35 години. Најважно било тој да биде прикладен по друштвениот статус и по имотот. Меѓутоа, таа ни оддалеку не мислела така и цврсто одлучила да му се спротивстави на татко си. Смислила и итра тактика. Бидејќи отприлика во исто време нејзината рака ја побарал и еден студент по медицина, таа му навестила на таткото дека го сака него и дека сака да се омажи за него. Тоа не била потполна вистина. Имено, иако момчето и било симпатично, Хелена немала воопшто намера наскоро да се мажи. Меѓутоа, била сигурна дека татко и нема да му ја даде нејзината рака на студентот бидејќи бил сиромашен и неспособен да издржува семејство. Така и се случило и татко и одлучно ја одбил можноста таа да се омажи за него.

 

- Ако не можам да се омажам за оној што го сакам нема да се омажам за никого - рекла таа. Но, ниту татко и не се предавал лесно. И бидејќи ниту еден од нив не сакал да попушти, семејството било сведок на вистинска мала војна меѓу таткото и ќерката, но конечно се завршило со примирје, а венчавката била одложена. Но, за да биде сигурна дека наскоро нема повторно да се најде во  слична опасност, Хелена ја употребила сета своја дипломатска вештина и успеала да ги убеди родителите да и дозволат следната година да ја помине кај вујкото во Австралија. Братот на мајка и, Луис, со ќерката Ив се скрасил таму по смртта на својата жена. Се занимавал со одгледување овци. Хелена редовно се допишувала со братучетката и девојките се радувале што наскоро ќе се видат и ќе се дружат. И така, со кутивчињата со крема за лице, Хелена се упатила кон новиот свет.

 

Раѓање на брендот „Рубинштајн“

 

Почетниот успех со продажбата на кремата за лице и влеал полет и оптимизам. Но, градот Колреин бил само австралиска провинција, а Хелена сакала многу повеќе. Затоа го прифатила со задоволство повикот на една Англичанка да се пресели во Мелбурн. Дека има нос за бизнис, покажала уште додека била во австралиската провинција. Инстинктивно сфаќала колку се важни маркетингот и пропагандата. Штом почнала да продава креми, се погрижила за нив да се прочуе и по други канали, а не само со раскажување од уста на уста. Така, американскиот новинар и издавач со полско потекло, Едвард Титус, кој живеел во Австралија, а со кој таа се спријателила, напишал за едно мелбурнско списание текст за нејзината чудесна крема која на лицето му дарува младост и убавина. Текстот значително придонесол за популаризација на кремата и за ширење на бизнисот. Подоцна Титус ќе и понуди и брак. Во Мелбурн Хелена добила бесплатно сместување и храна кај Англичанката. Всушност, тоа го плаќала со часови по германски за нејзиниот син. И наскоро, во 1902 година, се отвораат вратите на козметичкиот салон со името Хелена Рубинштајн во кој се продавала чудесната крема. Тогаш никој не помислувал на тоа дека ова ќе биде само првиот од безбројните салони кои идните години и десетлетија ќе го преплават светот. Работата цветала и веќе на 30 години таа постигнала светски успех. По три години тргнала на голема европска турнеја, а австралискиот салон и го доверила на една од своите сестри која била и тоа како квалифицирана за работата со оглед на тоа што дипломирала фармација во Берлин. Целта на европското патување било проширување на бизнисот, но и сакала да научи уште многу работи. Трпеливо собирала знаење и искуства кај угледни лекари, дерматолози, ботаничари, нутриционисти, посетувала реномирани институти, клиники, лаборатории, универзитети... Кога во 1907 година задоволна се вратила во Австралија, таму ја дочекала брачната понуда на Титус. Била вистински изненадена, бидејќи брак се уште не и паѓал на памет. Уште многу нешта требало да направи, вистинската работа со козметиката допрва почнувала. Повторно се послужила со стариот трик и побегнала, овојпат, во Лондон.

 

Но, Титус се покажал како многу упорен и веројатно многу вљубен. Доитал по неа во Англија и таа таму конечно му рекла „да“. По венчавката среќните младоженци отишле на романтично брачно патување на францускиот Азурен брег. Уште за време на медениот месец во Ница ја имале првата брачна кавга кога Хелена проценила дека нејзиниот маж е премногу пресретлив, па дури и и се насмевнал на една дама во хотелското лоби. Неговите објаснувања не сакала ниту да ги слуша и љубоморна и бесна побегнала со воз за Париз. Но, претходно, за да се утеши, во некоја златара купила скапа бисерна огрлица. Така ја започнала својата интересна лична традиција – по секое разочарување или кавга да се утеши со купување на некоја скапоценост.

 

Тоа се моите кризни скапоцености, така ги нарекувам -  ја објаснувала таа својата страст. Во подоцнежните години, ќе понуди уште едно објаснување.

 

Да се родев како висока жена веројатно ќе купував ситен децентен накит. Бидејќи поради својата висина морам да носам облека со едноставен крој и да ја чешлам косата во строга пунџа, можам барем да носам раскошен накит како контраст на облеката и фризурата – тврдела таа. Навистина, не доминирала со стасот и имала едвај метар и половина. Последните години од животот тој накит меѓу кој имало прстени со огромни димензии, го чувала во десет големи ковчези со фиоки. Бил уредно среден по азбучен ред. Кога крадците провалиле во нејзиниот стан во Њујорк, тогаш веќе 92-годишната старица храбро им се спротивставила и тие си заминале со празни раце.

 

Проширување на компанијата

 

Во 1908 година Хелена го отвора својот втор салон, овојпат во Европа, во Лондон. Секако, и таму се повторила австралиската приказна. Се проширила палетата од креми кои му ги нудела на пазарот, наменети за разни типови кожа, па лансирала креми за ден и за ноќ, разни тоници, маски... Имало се повеќе производи, како и почитувачи на убавината кои доаѓале во салоните на Хелена Рубинштајн. Наскоро ја ставила под нозе и светската престолнина на шармот, убавината и модата, Париз, каде што го отворила третиот салон и каде што се доселила со семејството. Иако и била потполно предадена на работата, наоѓала време и за приватниот живот, за семејството, па помеѓу лондонското и париското отворање на салоните, донела на свет два сина: во 1909 година Рој, а три години подоцна Хорас. Водењето на лондонскиот и парискиот салон им го доверила на сестрите па имала време да учествува во бурниот живот на француското високо друштво. Стекнала нови пријатели, значајни и угледни луѓе, нејзиниот париски дом го краселе делата на Пабло Пикасо и Џорџ Брако, двајца главни иницијатори на кубизмот, а носела, меѓу останатите, и креации на славната Коко Шанел.

 

Набргу избила Првата светска војна. Бидејќи не сакала ништо да ризикува,  семејството во 1915 година отпатувало преку океанот, во Њујорк, кој бил идеално место за освојување на Америка. Таму наскоро го отворила првиот американски салон, познатиот Мејсон де Бјути во 49.улица, а потоа никнуваат институти за убавина во многу големи градови на северноамериканскиот континент. Постојано ја проширува и палетата од производи и услуги, а сите новости кои ги смислила, од самите препарати и третмани, до начинот на продажба, го јакнат нејзиното царство на убавината. Постојано, во годините што следуваат, восхитувала со некој нов производ, а посебна атракција ќе биде нејзиниот изум на водоотпорна маскара.

 

60 години соперништво со Елизабет Арден

 

Америка полудела по убавината а ла Рубинштајн, иако Хелена тука имала достојна и жестока соперничка и конкурентка во ликот и делото на Елизабет Арден. Тие две жестоко ќе се натпреваруваат цели 60 години, но никогаш нема да се сретнат.

 

Овојпат, фала му на Бога, не ми е криво што Хелена е пред мене – изјавила наводно Елизабет Арден по веста за смртта на Хелена. Изјавата е од онаа страна на добриот вкус, но добро покажува во каков однос биле тие двете. Меѓутоа, во меѓусебната борба, двете владетелки на мејк-ап бизнисот не воочиле дека пред Втората светска војна забрзано се развива нов козметички џин - Ревлон, фирма на Чарлс Ревсон која ќе им одземе добар дел од колачот.

 

Сепак, деловното царство на Хелена незапирливо се ширело. Благодарение на деловниот дух, но можеби и на добрите информатори, во 1928 година својата фирма во Америка ја продала за три милиони долари за по познатиот пад на берзата во 1929 година повторно да ја купи, но за наполу помала сума, па така сосема убаво заработила. Токму како и во Франција, и во Америка, пријателувала со многу познати луѓе, чести посетители во нејзиниот дом биле и Ернест Хемингвеј, Вилијам Фокнер и Џејмс Џојс. На прашањето дали ги сакала и како писатели, одговорила: Не знам, немав време да ги прочитам нивните дела, но затоа секогаш стасував да им ги платам сметките во рестораните.

 

И додека работата цветала, во приватниот живот не и одело баш најдобро. Се разделила од сопругот со кој во 1928 година повторно се зближила. По се изгледа се уште го сакала. Но, не траело долго. Уште неколку пати се скарале и се смириле, за во 1936 година дефинитивно да се разведат. Тогаш Хелена веќе била во врска со грузискиот принц Артчил Гуриели-Тчкониј, кого го запознала во Париз и кој бил 20 години помлад од неа. Се венчале во 1938 година. Така кралицата на козметиката станала – принцеза.

 

Колекционерска страст

 

За време на „топло-ладниот“ однос со првиот маж утеха и пружал блескавиот Париз. Го обожавала, а Франција ја доживувала како своја втора татковина. Затоа во француската метропола, освен за време на Втората светска војна, секоја година ќе минува по шест месеци. Тогаш веќе била многу богата, си купила нова куќа и ја украсила со делата на мајстори како Марк Шагал, Хенри Матисе, Раул Дафи. Со задоволство им позирала, а како последица на тоа се родила уште една колекционерска страст. Почнала да ги собира своите портрети, кои излегувале од рацете на најпознатите светски сликари. Но, не успеала да го наговори големиот Пабло Пикасо да го направи нејзиниот портрет, иако била многу близу до тоа, па дури еднаш и му позирала. Ја воодушевила и африканската уметност, па создавала вредна приватна збирка, особено од скулптури. Својот американски дом, пак, го исполнила со делата на Реноар, Тулуз-Лотрек, Миро, Модилјани, Дали и други мајстори.

 

Следуваат два тешки удари на судбината. Останала вдовица. Принцот Артчил во 1955 година го покосил срцев удар и засекогаш ја напуштил. Три години подоцна се случила уште поголема трагедија, па поради срцев удар кој всушност бил последица од сообраќајна незгода за која бил виновен, пролетта 1958 година и умрел помладиот син Хорас. Тој и задавал многу грижи во текот на животот бидејќи бил склон кон алкохол, па една година пред смртта веќе имал предизвикано сообраќајна несреќа во која еден човек го изгубил животот, а тројца биле тешко повредени. Тоа не го сфатил како опомена, па ја повторил грешката, но овој пат со кобни последици. Со постариот син веќе подолго време не била во добри односи, а смртта на братот темелно го разнишала Рој. Никогаш повеќе не проговорил со својата мајка ниту еден единствен збор. Сето тоа оставило длабока трага на неа. Но и натаму работела фанатично, не грижејќи се за одмор, за недели и празници, не сфаќајќи ги луѓето на кои им се потребни слободни денови и на кои им се радуваат. Била веќе длабоко навлезена во деветата деценија од животот кога полна со жар, како да е на почеток од кариерата, отпатувала на долги деловни патувања по светот. Иако била многу богата, штедела и избегнувала непотребни трошоци што всушност го правела и сиот свој живот. На пример, во авион секогаш седела во економската класа за која се картите поевтини, а во возовите се возела во патничката класа. Јадела од хартиени кеси, будно внимавајќи на несесерот кој го чувала под нозете и од кој не се двоела затоа што во него бил нејзиниот најдраг накит без кој никаде не патувала. Последните години од животот ја водела работата од постелата за која била врзана поради големите здравствени проблеми. Буквално, до последниот здив се грижела за својата компанија. Умрела во Њујорк во 1965 година.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »