речник контакт

Политичка пресметка за образованието во Велес

Со жестоки пресметки помеѓу политичките партии се кршат копјата за работата на основните и средните училишта во Велес а просветните работници се ставени во позиција да добиваат црвен картон за нивната дејност.

Петар Печков

На последните две седници на Советот кога се расправаше за  годишните извештаи и за програмите за реализација на воспитно - образовниот процес, за повеќето училишта тие не беа усвоени. Позицијата вели поради помалиот број на ученици од  законскиот минимумот  без за тоа да се побара согласност,  додека опозицијата објаснува дека не се изгласани училиштата каде нема директори од власта.

Не постои било какво оправдување за да се работи незаконски со паралелки во кои има помал број на ученици отколку што тоа го дозволува законот. Советот на општина Велес нема никогаш да изгласа таков извештај во кој има грубо прекршување на законите – вели  Славчо Чадиев претседател на Советот, член на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него со години наназад директори во сите училишта се партиски кадри на социјал- демократите и тие се виновни за недостатоците во нив, како што се  малиот број на ученици во паралелките, нивното поведение и  се поголемиот број изостаноци.  Советот не ги усвои годишните програми на сите основни училишта во градот оти не побарале од основачот дозвола за работа со помал број на ученици во паралелките,  а требало  да ја  побараат пред стартот на новата учебна година.

Советот ги усвои годишните програми само на основните училишта во село Иванковци и во Горно Оризари, со образложение дека можат да работат со помал број на ученици поради комбинираните паралелки. Беа усвоени и годишните програми на средните училишта во градот, на ученичкиот дом Лазар Лазаревски и на музичкото училиште Стефан Гајдов.

Извештаите на многу успешни училишта и учениците кои постигнуваат врвни резултати на општинско, регионално и државно ниво, како и училиштата во кои континуирано се унапредува наставната програма и условите за одвивање на наставата, не се прифатени бидејќи директорите не се членови на ВМРО ДПМНЕ. Чудно е како е прифатен извештајот на основното училиште каде исто така има паралелки кои работат со само 15 ученици. Тоа значи дека владејачкото мнозинство врши селекција при донесување на одлуките во образованието - вели Весна Стојанова Богоевска, советник на СДСМ.

Од оваа партија потсетија дека надлежните од Државниот просветен инспекторат и од Бирото за развој на образованието, во минатата учебна година извршиле шест  контроли и училишта добиле добри оценки за работењето, без посериозни прекршоци и дале позитивно мислење за работата на велешките училишта. Но затоа пак советниците од локалната власт никако да ги изгласаат точките за образование. Негативен одговор, директорите на повеќето училишта добија за годишните извештаи и за програмите за реализација на воспитно - образовниот процес.

Ако државните институции кои секако се и по меродавни, не нашле никакви проблеми во работењето на училиштата, тогаш не е јасно како може советниците кои не се толку компетентни да ги кочат истите. Единствените училишта кои добија позитивно мислење за извештаите се оние каде директоруваат кадри на ВМРО ДПМНЕ - вели Зоран Ѓорѓиев советник од СДСМ.

АНКЕТА »

Каде го минавте летниот одмор?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »