речник контакт

Поплавите ги качија цените на пазар

Студот не е причина што на денешниот, петочен пазар имаше помала понуда, туку што поплавите однесоа дел од рано градианрското производство

Петар Печков

 Велешките бавчованџии со повисоки цени и помал избор на градинарски производи за денешниот петочен пазар. Зелката, спанаќот, морков, цвеклото, марулата,  магдонос, целерот ,младиот кромид и лук се  и за 50 отсто поскапи. Причината не е  студот и снегот, туку поплавата која уништи  голем дел од градинарските посеви.

Тоа што го понудивме во вторникот беше заостаната веќе обрана роба, сега нова нема. И разбирливо е кога нема понуда цените ќе се кренат. Производителите ќе седиме дома и ја пресметуваме штетата, додека на пазарот ќе царуваат прекупците, за жал така е кај нас – вели велешки градинар кој има земја во месноста Речани, од каде градот се снабдува со овие производи.

Разочаран е од слабата реакција на надлежните, кој ги немало никаде во критичните моменти. Велешките земјоделци посочуваат бројни примери на нивни колеги, кои завршиле в кревет поради болест откако во студениот и надојден Вардар спасувале што може да се најде пред нив.

Ова е срамота што се случи во неделата. На ова информатичко време што го велат, да нема кој да ни каже дека водата надоаѓа. Старите наши раскажуваа дека во турско со клепалото  се чукало како знак за опасност кога реката надоаѓала, потоа во наше време камбаните од бројните цркви во градот ѕвонеа. Сега беше молк, сите молчеа а Вардар поплави – вели велешанка која на пазар продаваше од цвеќето ,,серско,, кое го набрала пред да дојде реката.

Зборувајќи за подготвеноста на надлежните тие илустрираат бројни примери кога во неделата ноќ немало чамци да бидат евакуирани тие што останале во нивните куќи покрај бавчите, бидејќи не знаеле дека реката толку ќе надојде. Се спасувале со кајаци од кајакарските клубови. Во поплавата удавени се стотина свињи, десетици зајаци и кози кои не можеле навреме да бидат спасени, уништена е храна за стоката од десетици тони. Уништени се фолии со рано градинарските производи кои требаше да се понудат за новогодишните и Божиќни празници.

Велат дека поради тоа уште повеќе ќе се качи цената на доматот и краставицата во наредниот период. Најмногу погодено е селото Уланци, кое го снабдува велешкиот, кавадаречкиот и неготинскиот регион со градинарски производи. Десетици хектари покрај Вардар се под вода, расадот скапува, стасаниот не може да се обере.

Земјата подготвена за пролетната сеидба  не е употреблива, земјоделците стравуваат дека ќе имаат огромни штети. Големи штети  во работењето претрпе и најголемиот млеко преработувач во велешко, млекарницата ,,Милком,,. Бидејќи се сруши мостот до селото Ногаевци каде е сместена млекарницата, неколку дена нејзините производи не можеа да се најдат на пазарот, ниту 250 сточари кооперанти да го предадат млекото. Тоа го оптоварува производството со дополни трошоци.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »