Петар Печков
Објавено: вторник, 03 декември 2024
Советот на Општина Велес донесе одлука за зголемување на бројот на деца по групи во Детската градинка „Димче Мирчев“. Ова е поради големиот интерес на родителите за институционално згрижување на децата во градинката. Тие се сместени во шест клона во Велес и по еден во Градско и Иванковци, во 53 занимални.
„Проектираниот број на дечиња кои можат да бидат згрижени во осумтте клона на Детската грaдинка во Велес е 982 деца а запишани се 1108. Затоа ни е потребна оваа одлука за зголемување на бројот на деца по групите“- ја образложи потребата директорката Наташа Јанушева, пред членовите на Советот на општината. Тие едногласно ја прифатија но беа и во недоумица, може ли процесот на згрижување да се одвива нормално со зголемен број деца по групи.
„Законот за заштита на детето вели дека нормата за број на деца во една занимална за возраст од 5 до 6 години е 20 до 25 деца, за деца од 4 до 5 години е 18 до 20. Ја разбирам потребата на родителите да ги запишат децата во гардинка, и јас сум била дел од нив. Затоа ве поттикнувам да се размислува за проширување на капацитетите од градинката. Не знам како една воспитувачка или негувателка, ќе се грижи за поголем број на деца од 25, колку што е законскиот максимум. Но потребно е и отворање на нови градинки“- рече Пандорка Прличкова, член на Советот.
„Поголем проблем е недостиг на човечки ресурси во градинката. Капацитетите може да ги прошириме ако имаме доволно персонал. Во градинката има испразнети 24 работни места и испратено е барање за нивно пополнување“ - одговори Јанушева.
Поради потребите на дел од родителите, од следната година работното време е поместено од 5,30 до 18ч. за згрижување на деца.
„Кај 62 деца се дететкирани потешкотии во развој а 112 деца има со потешкотии со говор. Сметам дека моменталниот број на вработени во стручната служба е мал и не можат да одговорат на потребите на овие дечиња. Мое мислење е дека во секој објект треба да имате вработено дефектолог, психолог, логопед“ – кажа Маргица Урумова член на Советот.
Директорката одговори деке не побрала нови вработувања, бидејќи по систематизција сите места биле пополнети.
„Квалитетот на услугата е намален, секоја година имаме се повеќе дечиња со потешкотии. Моја желба е исто, во секој клон да имаме вработени стручни лица“ кажа Јанушева.
Tweet |