речник контакт

Поради пожарите прогласена кризна состојба во Општина Чашка

На територијата на оваа општина повеќе денови беснеат три пожари. Воведена забрана за движење низ шуми

Петар Печков

Владата на Република Македонија прогласи кризна состојба на територијата  на општина Чашка, каде веќе неколку дена има три активни пожари, соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој е и претседател на Управувачкиот комитет за координација и управување со кризи. Кризната состојба ќе трае триесет дена. Одлуката е донесена на синоќешната  владина седница.

Одлуката е донесена со цел надлежните институции да можат во координирана акција и на поефикасен начин да се справат со состојбите бидејќи и во наредниот период ќе имаме високи температури, а со тоа и можност за ширење на пожарите. Ова е една од мерките која ќе гарантира безбедност во овие региони, успешно справување со пожарите и нивно целосно гасење. На седницата се задолжени сите надлежни институции да се вклучат и да помогнат во справувањето – рече Спасовски.

Министерот посочи дека се прогласува кризна состојба не затоа што ситуацијата е излезена од контрола туку зашто треба координирана акција. Ако нема кризна состојба, нагласи, локалните самоуправи и Дирекцијата за заштита и спасување ќе треба самостојно да се справуваат со пожарите. Но, по ваквата одлука во акцијата ќе се вклучат сите надлежни институции во Македонија кои ќе треба да ги стават на располагање нивните ресурси.

Спасовски ги повика и граѓаните да им помогнат на институциите во борбата со пламените јазици, но пред се да внимаваат да не настануваат пожари порачи невнимание. Упати и порака, секој пожар да го пријавуваат веднаш.

Министерот посочи дека сите домашни институции се на терен, но помош добиле и од Бугарија и Турција и порача дека нема потреба од паника.

Заради високите температури во овој период и зголемената опасност од појава на шумски пожари, Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство донесе мерки за претпазливост и забрана за движење во шуми. За непочитување на одредбите од Законот за шумите, физичките лица кои ќе бидат затекнати да се движат во шума, без соодветна дозвола од Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја, ќе им се изрече глоба од 1500 до 2000 евра, согласно член 106 од Законот за шуми.

Оваа забрана не важи за вработените во јавното претпријатие и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја. Исто така не важи и за организирани туристички групи придружувани од претставник на „Македонски шуми“ или претставник на субјектите кои управуваат со заштитените подрачја.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »