речник контакт

Поранешниот Хотел Вила Зора да се продава, одлучија советниците

Почетната цена е одредена на 70,57 милиони денари а на продажба се нудат 2,7 илјади м2

Петар Печков

Донесена е одлука за продажба на поранешниот хотел Вила Зора, на делот кој е во сопственост на Општина Велес. Одлуката со мнозинство гласови, ја донесоа советниците на вчерашната седница. Почетната цена е одредена на   70,57 милиони денари а на продажба се нудат 2,7 илјади м2.

Објектот е на одлична местоположба, но подолго време не е во функција, времето го оштетува, прокиснува вода од покривот. Општината не е во состојба да се грижи за него, ниту да го стави во функција. Од друга страна докажано е дека јавните институции се лоши стопанственици  со имотот,  приватниот сектор е подобар  стопан.  Имаше поединци од странство, кои без заинтересирани за него, но поради големата површина и нивните финансиски можности, се откажуваа од намерата  да стапат во некакви облигациони односи со општината - кажа градоначалникот Аце Коцевски.

Тој потенцира дека одлуката за продажба  не е лесна ниту едноставна и  би било добро објектот да се продаде, но не по секоја цена.  А доколку се продаде, заедно со советниците ќе се одлучело каде да се вложат средствата.  Од советниците единствен за збор се јави Ангел Димов од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Генерално сум против продажба на имот на општината. Објектот треба да се сторат напори да се пренамени во Пензионерски дом, за што и беше граден.  Има стари лица од градот на кои им треба сместување и некој да се грижи за нив. Факт е дека тој  е руиниран, за што вина носи локалната власт, што со години наназад не презела ништо да се сочува. Требаше да се проба со приватно јавно приватно партнерство. Сега ќе го продадеме Пензионерски, потоа следи зградата на Синдикатот. Зошто толку лесно се откажуваме од општинскиот имот - рече Димов.  На ова реплицираше Марко Илиев, советник од СДСМ.

Колегите од сегашната опозиција, кои пред два мандати беа власт, тогаш донесоа одлука за подарување на поранешен хотел.  Тогаш дадоа огромен објект без пари, а сега не се за продавање - рече Илиев.

Продажбата на објектот ќе биде по пат на електронско наддавање. Еден дел од објектот, кој  беше во сопственост на државата,  таа му го  отстапи на користење на  Универзитет Св. Климент Охридски од Битола, кој тука го смести Техничко -технолошки факултет, со седиште во Велес.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »