речник контакт

Потрага на НАСА за вселенски примероци

Камења од Месечината, делови од метеорити и други т.н. астроматеријали кои НАСА ги позајмила на научници или ги дала на подарок на американски и странски државници и функционери. Тие не ги вратиле

Петар Печков

Еден примерок исчезнал во Западна Вирџинија, но еден есенски ден се појавил на една полица кај забар во пензија. Њујорк чува еден во подрумите во музеј во Албани, но друг кој е даден на државата на чување и не бил многу чуван, тој исчезнал па така државните органи спроведуваат голема истрага. За што се работи?

Еден изгубен одамна се појавил во куќа на поранешен гувернер, а друг од Арканзас бил најден во една просторија на поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон. Некој човек украл еден примерок од музејот на Малта, а друг набавен преку Хондурас бил продаден на маскиран државен агент во Мајами. Ретки уметнички дела? Скапи дијаманти? Не се работело за ништо што е од планетава Земја. Сите наведени артефакти буквално биле од друг свет: Камења од Месечината, делови од метеорити и други т.н. астроматеријали кои НАСА ги позајмила на научници или ги дала на подарок на американски и странски државници и функционери.

Стотици примероци од Месечината и други вселенски објекти биле изгубени, уништени, украдени или исчезнати, а некои од нив американските космонаути и претседатели ги подарувале на високи личности во земјата и светот пред повеќе децении, а други НАСА ги позајмувала за едукација, истражувања и јавно прикажување. Тие предмети преживеале во вселената во текот на милијарди години и некои претставуваат први примероци кои се донесени од друго небесно тело, но по само неколку години на Земјата завршиле како најобични приврзоци за клучеви или писма од 100 денари.

Шест примероци од метеорити во 2004 година биле испратени во неугледна пратка до научниот Институт Карнеги во Вашингтон и од тогаш никој повеќе не ги видел. Во 1978 година НАСА позајмила диск со примероци од Месечината на астрономската опсерваторија Моунт Куба во Гринвил, во државата Далавер. Но кога НАСА покренала истрага во врска со дискот 30 години подоцна, откриле дека менаџерот кој бил одговорен за чување на дискот умрел и дека дискот – контејнер со пречник од 15 см со риголит и песок од Месечината – едноставно исчезнал. НАСА изјави дека опсерваторијата не може да го најде, а членовите на управата на опсерваторијата тврдат дека нивниот менаџер уште тогаш уредно го вратил дискот на НАСА.

Парче од карпа од Месечината тешко 1,1 грам – дел од материјалот кој космонаутите на „Аполо 17“ го довеле на Земјата во декември 1972 година – бил подарен по една година на гувернерот на Западна Вирџинија. За неговата судбина ништо не се знаело со години, се додека фрагментот не се појавил во јуни 2010 година во една кутија во визбата на Роберт Т. Конер, пензиониран забар.

Единствената врска меѓу него и гувернерот на кој било подарено делчето од Месечината, бил Арч А. Мор, брат на Конер, кој починал во 2002 година. Мор бил адвокат во Вашингтон во фирма чиј сопственик бил неговиот брат, а кутијата во која било најдено камчето содржела работи од неговата канцеларија. Предметот се наоѓал во проѕирна пластична топка монтирана на дрвена плакета, на која Конер никогаш не и посветил некое големо внимание.

„Би рекол многу неугледен предмет“, вели 76 годишниот Конер. „Сум гледал поубави трофеи за победа во куглање“.

Минатиот месец, главниот инспектор на НАСА, Пол К. Мартин, процени дека 517 примероци од Месечината и друг астроматеријал кој бил позајмен од 1970 до 2010 година, денес се изгубени или украдени. Во извештајот Мартин наведува дека 11 од 59 научници од подрачјето на Хјустон и Вашингтон ги немаат на пописот сите примероци кои НАСА им ги позајмила. Од друга страна, се појавиле истражувачи кои имаат примероци кои или никогаш не се појавиле на пописот на агенцијата или биле позајмени на некој друг.

Агенцијата исто така нема ажурирани податоци за 12 истражувачи кои починале, се пензионирале или се преселиле, а кои од разни причини не ги вратиле своите примероци. Во извештајот се наведува дека еден научник сеуште поседува примерок од Месечината кој го позајмил пред 35 години, иако сеуште не извел ниту еден научен експеримент со него.

Во извештајот се констатира дека Канцеларијата за набавка и чување на астроматеријали при Џонсоновиот вселенски центар во Хјустон, која ја одржува колекцијата на НАСА од 163.000 примероци од астроматеријали, има слаба контрола над Месечевиот и друг материјал кој бил позајмен за истражувања, едукација и јавно прикажување. Примероците кои американските и странските државници ги добивале како подароци не биле опфатени во извештајот, бидејќи НАСА не спровела истрага за нив.

Меѓутоа, многу експерти се согласуваат дека НАСА треба и за нив да поведе грижа, бидејќи се проценува дека од речиси 400 примероци од Месечината кои се подарени на државни и светски лидери по мисијата на „Аполо“, 200 се изгубени, уништени или украдени.

Претставник на НАСА од Вашингтон и Хјустон вели дека загубите кои ги наведува инспекторот во својот извештај сепак се само мал дел од десетици илјади примероци од астроматеријали кои вселенската агенција ги позајмувала на научници ширум светот во текот на изминатите 40 и повеќе години. На пример, изгубените примероци од Месечината претставуваат само стоти дел од 1 процент примероци кои уредно биле вратени во изминатите четири децении.

„Иако жалиме за тие загуби и НАСА се согласува со извештајот дека треба да се продолжи со процедурата која ќе го намали нивниот број, резултатите кои науката ги остварува преку тие примероци ги надминуваат малите ризици од нивно губење“, изјави претставникот на НАСА Вилијам П. Џефс.

НАСА вети дека ќе ги имплементира препораките од извештајот, кои меѓу другото, од агенцијата бараат склучување на договор за секој позајмен примерок од тие материјали и построги инвентарски процедури. Џефс изјави дека иако НАСА остро предупредила неколку истражувачи вклучени во потрагата по изгубените примероци, нивните истражувачки привилегии сепак не се загрозени.

Малку Американци водат сметка за камењата од Месечината како Џозеф Р. Гутхајц, адвокат од Тексас, на чија работна маса стои глобус кој се врти и на кој пишува „Ловец на камења од Месечината“. Титулата не е официјална (глобусот му го подариле синовите), но останува фактот: Гутхајц и неговите студенти на право на Универзитетот Феникс и колеџот Алвин, помогнале да се влезе во трага на 77 фрагменти од Месечината кои биле изгубени, вклучувајќи ги и подарените на гувернерите на Колорадо, Мисури и Западна Вирџинија.

„Ако некој ракува со месечевиот камен на гувернерот, може да се случи да го задржи или да го изгуби“, вели Гутхајц, пензиониран специјален агент на НАСА. „Ако не сме внимателни, којзнае некој таков човек што може следно да направи и да донесе дома“.

Гутхајц инаку бил таен агент кој ја водел операцијата во Мајами за враќање на Месечев камен украден во Хондурас во 1998 година. Операцијата била наречена „Затемнување на Месечината“. Гутхајц тогаш објавил оглас во весниците дека сака да го купи „Моон Роцкс“ и наскоро му се јавил човек со понуда. Побарал пет милиони долари.

(Како што вели еден писател на првата страна, во првото поглавје на својата книга: „На 99 од 100 прашања во животот, одговорот е само еден: пари“)

 текстот е преземен од  Астрономија - Белград

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »