речник контакт

Потребни се нови инвестиции за излез од пост ковид економската криза

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економија, Фатмир Битиќи во посета на Лутекс

Петар Печков

Потребни се нови инвестиции во овој пост ковид период, за економијата се придвижи. Ова го кажа заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економија, Фатмир Битиќи при денешната поста на фабриката Лутекс, блузи Велес.  При тоа тој презентираше бројки со кој вели дека има зголемување на економските процеси.

„Сите извозно ориентирани компании би требало да размислуваат на нови инвестиции во пост-ковид периодот, затоа што само на тој начин би можело да се врати загубеното време и побрзо да се излезе од ситуацијата која ја предизвика глобалната пандемија предизвикана од корона вирусот“ - кажа  Битиќи.

Сопственикот на компанијата Лутекс, Маркус Туч, посочи дека во изминатите 5 години континуирано се инвестира во нови машини и унапредување на производството. Од компанијата   најавуваат нови инвестиции од околу 1,2 милиони евра, со кои би се отвориле нови работни места.

„Пандемијата предизвикана од ковид-19 сепак предизвика одредено забавување на процесите, поради забраните за движење и неможноста да се инсталираат веќе набавени машини и со тоа да се зголеми продуктивноста на компанијата. Драго ни е што можеме да кажеме дека го надминавме тоа и од овој месец, луѓето и технологијата веќе може да патуваат. Веќе инсталиравме две нови машини, па сигурни сме дека ќе ги исполниме нашите обврски според договорите што ги имаме потпишано“ - рече Туч.

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Битиќи соопшти дека економија во земјава се придвижува напред.

„Охрабруваат позитивните движења на макроекономските индикатори, во март 2021 година, во споредба со истиот месец лани, за првпат по цела година, бележиме сериозна стапка на раст на индексот на индустриското производство од 7,6%, индексот на прометот во индустријата во март бележи раст од 27,1%, надворешната трговска размена во првиот квартал од 2021 година бележи раст од 15,8%, а извозот во истиот квартал расте со 18,1%. Ова се индикатори кои покажуваат дека економијата оди напред, економиите во Европа се отвораат, а тоа недвосмислено влијае и на нашата економија, која е силно зависна од европските земји“ - додаде Битиќи.

Лутекс е извозно ориентирана компанија, во германска сопственост, која произведува индустриски и технички текстил. Оваа компанија во изминатите четири години има инвестирано околу 2,5 милиони евра, од кои 1,5 милиони се во 2020 и 2021 година  и има вработено околу 100 лица од Велес и околината.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »