речник контакт

Потребни сме им на жените кои доживеале насилство од било каква форма, од било која причина, порачаа од Организацијата на жени Велес

Одржан завршниот настан во рамките на меѓународната кампања „16 дена активизам“

Петар Печков

На платото пред Велешки театар беше одржан завршниот настан во рамките на меѓународната кампања „16 дена активизам“, организиран од Организација на жени од Велес, поддржан од  Комисија за еднакви можности помеѓу жените и мажите при Советот на Општина Велес. Мотото на годинашната кампања  беше „Обединети за крај на насилството врз жени и девојчиња“

„Со повеќе настани изминатите три седмици заеднички  придонесеме во јакнење на свесноста во борбата за справување со родово базирано насилство, насилство врз жените и девојчињата. Нашата борба и активности не завршуваат денес, туку напротив продолжуваме посветено и натаму. Свесни сме дека сме им потребни на жените кои доживеале насилство од било каква форма, од било која причина. За нив сме тука 24 часа, секој ден во неделата и месецот“- кажа Мирјана Трајковска претседател на Организацијата на жени од Велес.

Волонтери од организацијата на минувачите им дела флаери.  Од годинава започна со работа советувалиште за психосоцијална поддршка на жените и децата жртви на било каква форма на родово базирано и семејно насилство. Тоа е лоцирано во просториите на организацијата, кои се наоѓаат на кривината кон болница, во МЗ Трајко Панов.  Нив на услуга им се психолог и правник.

Во анализата на Организацијата на жени од Велес,  за 30 месеци наназад, 2020, 2021 и шест од оваа година,  според Центарот за социјални работи Велес (МЦСР),  имало 121 пријава за семејно насилство.  Полицијата пак соопштила дека се случило едно убиство при семејно насилство и два обида за убиство.   

Од добиените податоци на  МЦСР, за 30 месеци, од 121 пријава  за семејно насилство, 98 биле од жени и 23 од мажи. Во однос на возраста  осум биле деца до 18 години а сите други над таа возрасна група. По националност 89 случаи биле пријавени од Македонци, 15 од Роми,9 од Албанци и 8 од Бошњаци.

Од податоците на СВР Велес во 2021 има едно убиство сторно при семејно насилство , два обида за убиство истата година и за 30 месеци има вкупно 7 тешки телесни повреди здобиени во вакви случаи.

„Во нашиот сервис се обраќаат жени и деца како секундарни жртви. Во однос на правната помош тоа се  кривични постапки, за поднесување кривични пријави за семејно насилство, за неплаќање издршка на малолетно дете, како и  за бракоразводни парници. Има бројни случаи кога жртвите почнале кривична постапка против сторителот, но поради страв или некоја друга причина се повлекуваат. Работиме да им дадеме емоционална поддршка на жртвите, да истраат во нивното барање правда “ - рече  адвокат Билјана Ангелова Смилева.

Овој сервис работи со жените од Велес но и соседните општини Градско, Лозово и Чашка.  

Во Велес има шелтер центар а жртви од семејно насилство, кој е на тајна локација .Во него се сместуваат жртви не само од Велес туку и од Кавадарци, Неготино. Од Организацијата на жени реагираат дека според бројот на жители во регионот и стандардите, тој е премал.

Од анализата за семејното насилство во велешко, Организацијата на жени констатира дека има Советувалиште за жртви на семејно насилство, кое работи во рамките на Центарот за социјални работи, но истото има  ограничени просторни и човечки ресурси.

Имаат  забелешка дека во Велес но и во рамките на Вардарскиот регион нема кризен центар за жртви од семејно насилство и силување.  

Општина Велес во рамките на нејзината програма за помош на жртвите на семејно насилство  во 2020 исплатила 50 илјади денари парична помош на 20 лица, лани  48 илјади денари за 8 лица а годинава за половина година немала испатено ниту денар, иако имало обезбедено 50 илјади денари.

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »