речник контакт

Почит за Рацин на Лопушник

Иако беше работен ден, бројни почитувачи на делото на Рацин, во понеделникот се собраа на Лопушник. Некои и на мотори, други верни на традицијата без отстуство 36 години.

Петар Печков

На местото на погибјето на поетот револуционер, планинари од Копачијата, вешто се качуваа во тешката патека, поради водата и калта  од наврнатиот дожд. На Бистра, дојдоа  гости од Кичево, Прилеп, Скопје, Велес, Лазарополе за да му оддадат почит на Коста Солев кој тука на 13 јуни 1943-тата година, во уште неразјаснети околности беше застрелан од неговите колеги, кога  вечерта доаѓал во печатницата.

Меѓу гостите и кичевецот Гулаб Сарафимовски кој не пропуштил ниту еднаш во изминатите 36 години да му се поклони на Рацин. За него не важи болест, отсуство, тој едноставно мора да дојде.  Тој од 1975 години, постојано на овој ден е на гробот на поетот, а во трајно сеќавање му останал настан од далечната 1982-ра година, кој го врзал уште повеќе за овој ден. 

 

За погибјето на Рацин слушнав изворно таа година. Тројца повозрасни луѓе, двајца мажи и една жена, за кои подоцна дознав дека беа браќата му и сестра, беа горе на споменикот, па потоа се симнаа долу, каде е плочата за неговата смрт. Жената се фрли и го загрли споменикот и на глас плачеше, велејќи, ,,леле брате ти погина од нашите луѓе,, .  Овој настан остана во трајно доаѓање и затоа дур сум жив ќе доаѓам  - рече  Гулаб Сарафимовски,вработен во Шумското стопанство ,,Копачка,,.

На споменикот на врвот, имаше  букетот со свежо ендемско  цвеќе кое цути само во Галичник, а жителите од Лазарополе го берат рано наутро, тргнуваат во четири часот за да стигнат до 10. Тие пешачат пет часа низ шумски предели и не трасиран пат, за да му оддадат почит на патронот на нивната Земјоделска задруга, која била прва во Македонија а денес не постои.  Така го исполнуваат аманетот од нивните стари.  Впечатлив е култот што кон поетот се негува во овој дел од Македонија, па и покрај времето-невреме, шумата-прашума, луѓето со искрена желба доаѓаат да му се поклонат на Рацин, и  не се штедат себеси да дојдат на врвот, од каде пука прекрасен преглед на славна Дебарца, Копачка и Западна Македонија. 

На гробот на Рацин се поклонија и тројца кичевчани, мотористи, кои успеаја на очајно лошиот терен, со мотори да се искачат до врвот а потоа пеш да се симнат до местото каде тој е застрелан. За нив ова е морална обврска, кон човекот кој неизмерно го почитуваат. Тројцата колеги Горан Димитриевски, Сашо Јовановски и Гоце Ѓурчиновски, го нарушија длабокиот мир, со брумот од нивните мотори, кои ја параа длабоката тишина во планината.

Рацин со своето дело оставил место, но и обврска  кон македонскиот народ, да му оддаваме почит. Традиционално се собираме тука, некои пешки, други со велосипеди, трети како нас на мотори. Важно е да се дојде, теренот не е проблем, кога се сака. Малку се помачивме по оваа кал, беше напорно, но кога човек има волја ќе истрае  – вели  Горан Димитриевски моторист од Кичево.

Тој порачува дека патот до споменикот на Рацин потребно е да се изгради, за да може што повеќе гости да доаѓаат тука, а не како што е сега по земјен лош пат,кој го користи шумското стопанство, за сеча на дрвја.  Ова посебно е важно  за лицата кои физички не можат да се качуваат по козјите планински патеки, но и да се отвори можност да се ужива во прекрасниот предел и природа на планината Бистра и за развој на туризмот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »