речник контакт

Почна Велигденскиот пост

За Велигденските пости што се може и кога да се јаде.Постот значи не само откажување од мрсна и обилна храна туку и контрола на страстите, откажување од пијанства, веселби и радости. Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана се повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната од животинско потекло.

Петар Печков

Во животот на  човекот значајно место има постот, а посебно Велигденскиот пост, не само како најдолг туку и како најстрог. Инаку нашиот народ знае за еднодневни и повеќедневни пости.  Еднодневни пости се средата и петокот, кои се постат во текот на целата година освен во т.н. редовни седмици, потоа за строги пости се сметаат Водокрст (Водокрштение) еден ден пред Водици (18. I.), Отсечение главата на св. Јован Крстител (11 IX), и Воздвижение на чесниот крст - Крстовден, (27. IX.) Повеќедневни пости кои одговараат на четирите годишни времиња се  Велигденските, Петровденските, Богородичините и Божиќните пости.

Најстрог и најдолг е Велигденскиот  кој трае од Прочка до Велигден. Тука се 40 дена , од Чист понеделник до Лазарева сабота и уште Страстната недела од Цветници до Велигден,  вкупно 48 дена. Исус пред да почне да го проповеда своето учење, (откако бил крстен), 40 дена минал во пустина во строг пост и молитви. А бидејќи во текот на овој период се случиле и неговите страдања (фаќањето, мачењето и распетието) и постот е проследен со многу телесни и душевни одречувања, со самоконтрола на страстите и со подготовки за причесната кога верниците се идентификуваат со својот Спасител.


Вистинскиот пост започнува со Чист понеделник, денот по Прочка. Но  неделата пред Прочка се вика Месопусна недела, народот ја вика и месопусни поклади зашто тогаш се запокладува, со месо. Во текот на оваа недела се јаде сирење и други млечни производи поради што се вика и Сирна недела, некои ја викаат и Бела недела. Прочка се вика уште и Сирни поклади поради што од тогаш се пости и од млечни производи, а се вика и Проштени поклади, бидејќи тогаш луѓето меѓу себе си ги простуваат гревовите.

Инаку, бидејќи рибата не се смета за мрсна храна може да се јаде за време на Велигденските пости, но само на Благовештение и Цветници. Одобрувањето риба да се јаде на поголемите празници и за време на пост (како и виното и маслото) доаѓа од потребата од една страна да се запази постот, а од друга на празникот да му даде поголема свеченост во празнувањето. Бидејќи Велигден, а со тоа и Велигденскиот пост се со променлив датум, ако Благовештение се падне пред Цветници дозволено е да се јаде риба, масло и вино, а ако се падне во Страдалната (Страстната) седмица тогаш не се јаде и риба.  

Инаку има повеќе причини поради кои рибата се смета за посна храна. Најпрвин, Божјото проклетство за гревовите е фрлено на земјата, а не и во водата, а рибата е водно животно, потоа Господ ја благословил рибата, јадел од неа, и со неа направил неколку чуда како на пр. кога со неколку риби и седум леба нахранува четири илјади гладни, или во друг случај кога со две риби и пет леба нахранил пет илјади луѓе. Рибата како симбол е прифатена уште во првите векови од христијанството и според некои објаснувања го симболизира и самиот Исус Христос. И виното во почетокот се сметало за храна што го нарушува постот, но од 9 век заедно со рибата и тоа се смета за посна храна што за време на постите се употребува само на големите Господови, Богородичини, но и светителски празници.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »