речник контакт

Предлози на екологистите од Велес

Предлози на екологистите од Велес за зголемување на свеста на граѓаните

Петар Печков

Велешките еколошки друштва бараат воведување на еколошко воспитување како воннаставна активност и редовни прошетки во текот на неработен ден до блиските излетнички места и задолжително засадување на нови дрвца во околината на градот.

Тие ваквите нивни барања ги поткрепуваат со ниското еколошко ниво на дел од помладата популација.

- Многу малку се посветува внимание на младата популација и нејзиното културно-еколошко воспитување, поради што таа и не ја практицира во слободното време да излегува на прошетки и одмор - изјави Емил Смилев од Еколошката групација „Зелена Сила“, која заедно со извидничкиот одред „Димитар Влахов“ спроведе анкета помеѓу велешките ученици на тема „Еколошко воспитување“.

На 150 испитаници ученици од 5-то до 8-мо одделение, на прашањето колку често посетуваат рекреативни центри надвор од Велес за викенд, само 15 отсто потврдно одговориле.

Слична анкета со идентични податоци е спроведена и меѓу средношколците на возраст од 15 до 18 години.

Според овие две организации причина за ова е економскиот колапс на градот, непознавањето на младата популација за потенцијалите на природата и нејзиното влијание врз развојот. Како можно решение на овој проблем, тие посочуваат воведување на еколошко воспитување како воннаставна активност и редовни прошетки во текот на неработен ден до блиските излетнички места.

Еколошкото друштво „Вила Зора“ пак со предлог со цел зголемување на шумскиот фонд на подрачјето на Велес. Тие  сакаат да влијаат на директно зголемување на шумскиот фонд во градот и неговата околина, но и позитивно да влијаат на јавната свест на граѓаните од нивно активно вклучување во зазеленување до зачувување на постојните површини.

- За секое одобрено и исечено дрво да се засадат три нови дрвца а за исто толку граѓанинот да плати на жиро сметката, на за оваа намена отворена жиро сметка,  потоа на излетиштето езеро „Младост“ да се реализира парк шума каде секое семејство кое ќе има новороденче да има обврска да засади најмалку едно дрвце и да уплати пари за насадот - вели д-р Ненад Коциќ, претседател на ЕД Вила Зора.  

И двета барања, велешките „зелени“ ќе ги достават до Советот на општина Велес. Неговиот прв човек претседавачот Трајко Бабунски ги поддржува барањата на екологистите кои кога ќе бидат добиени ќе се најдат и на дневен ред, но потсетува дека треба да се има и во предвид и економската моќ на граѓаните.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »