речник контакт

Преображение 19 август

Светата црква го востановила празникот Преображение Господово што се празнува секоја година на 19 август, за време на Богородичините пости, пред празникот Успение на пресв. Богородица (Голема Богородица.)

Петар Печков

Третата година откако започнал да го проповеда своето учење Исус им зборувал на своите ученици дека наскоро ќе се случат важни работи. Им раскажувал, дека тој ќе биде мачен и распнат, дека ќе умре и ќе воскресне. Учениците не можеле да поверуваат синот Божји така да страда и да умре. За да не се исплашат и разочараат кога тоа ќе се случи Исус решил да им покаже како тоа ќе изгледа. Повел тројца апостоли Петар, Јаков и Јован  на планината Тавор. Се поставува прашањето зошто Исус повел само тројца од своите апостоли да го видат Преображението, а не сите. Се смета дека тоа е направено зашто Јуда како иден издајник не бил достоен да го види тој чин.

А да го изоставел само него тој подоцна ќе имал оправдување за предавството.  Кога пристигнале на ридот Тавор апостолите изморени од патот веднаш заспале, а Исус започнал да се моли на Бога. Одеднаш лицето почнало да му свети како сонце, а и облеката му станала бела, како снег. Тогаш се појавиле и двајцата старозаветни пророци Мојсие и Илија. Кога се случило Преображението апостолите се разбудиле и виделе како Исус разговара со пророците за тоа што наскоро ќе се случи во Ерусалим, за мачењето и распнувањето за смртта, и воскреснувањето.

Восхитен од таа глетка Св. апостол Петар извикал, „Господи, добро е да бидеме овде и ако сакаш да направиме тука три сеници: една за тебе, една за Мојсеј и една за Илија“.Тогаш уште додека Петар зборувал старозаветните пророци исчезнале, а нив ги прекрил светол облак. Тројцата апостоли паднале на земјата ничкум, а Исус ги допрел и им рекол: „Станете и не бојте се!“. Кога станале не виделе ништо освен Исус онаков каков што бил пред преобразувањето.

Тогаш Исус пак им рекол: „Никому не кажувајте што видовте додека Синот Човечки не воскресне од мртвите“. (Се поставуваат уште неколку прашања во врска со овој настан од животот на Исус на земјата. Зошто преображението е изведено ноќе, зошто тоа е направено на рид, а не во некоја долина и зошто тука се појавиле старозаветните пророци Мојсеј и Илија? Прво Преображението е изведено ноќе затоа што ноќта е попогодна за молитва од денот, потоа ридот е избран затоа што симболизира труд, човекот треба да се вложи труд за да се искачи на висина, а висината ја симболизира и висината на нашите мисли т.е. богомислието.

И уште тука се појавиле Мојсеј и Илија затоа што постоеле некои зборувања дека Исус е некој од пророците Илија или Еремија. Вака тој се претставил како цар на пророците, а Илија и Мојсеј како негови слуги. На ридот Тавор Исус ја покажал својата Божествена природа, а тоа требало да им послужи на учениците за потсилување на вербата во деновите на неговите страдања.

Во спомен на овој настан, Светата црква го востановила празникот Преображение Господово што се празнува секоја година на 19/6 август, за време на Богородичините пости, пред празникот Успение на пресв. Богородица (Голема Богородица.)

На иконата овој настан е претставен така што Исус стои на врвот на планината во бела облека, од десната страна е пророкот Мојсеј со таблицата со законите, а од левата страна пророкот Илија. Долу се апостолите паднати ничкум, а еден од нив со рацете ги заштитуваат очите од силната светлина што зрачи од Исуса.

Во врска со овој празник Д. Матов забележал дека во Велес се верувало оти „ноќта спроти Преображење се јавуе на небото Божја врата, се отвора небото, сам Господ се јавуе. Кој шчо је праф човек, може да је види Божја врата и, шчо да посака, му дава Госпот, ама вратата стои малку време отворена. За това мајките им викаат на децата да не спијат и да чекајат да ја видат Божја врата. Им прикажујат и приказната за тој шчо рекол: „Дај ми, Боже еден шиник глава“, место да рече: „Дај ми Боже еден шиник пари“ - и шчо му пораснала главата колку еден шиник та не можел да си ја извре главата од пармакл'ците, дури не ѓи искршиле“.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »