речник контакт

Приведени петмина велешани во акцијата Диригент

Тие се веќе пуштени дома, но затоа неколкумина велешани се фатени во Виена и таму ќе им се суди за продажба на херион. Новина во регрутацијата, одат млади лица кои не и се познати на полицијата, а потекнуваат од чесни семејства

Петар Печков

Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Оддел за борба против недозволена трговија со дрога при МВР во соработка со Германската и Австриската служба за борба против дрога, спроведе заедничка меѓународна истрага со цел обезбедување на докази и лишување од слобода на лица припадници на организирани криминални групи од Македонија кои го снабдуваa нарко пазарот во Виена - Австрија со хероин, односно организирале транспорти на дрогата на релација Македонија – Австрија и организирале мрежа на улични препродавачи на дрога на нарко зависници на подрачјето на Виена.

Во текот на меѓународната операција идентификувани се три криминални групи составени од државјани на Македонија. Заедно со претставници од Германската и Австриската Служба за борба против дрога, беше спроведена координирана акција на територијата на Скопје, Велес и Куманово заради лишување од слобода на членовите на криминалните групи и обезбедување на докази против истите.

Припадниците на третата група од кои петмина од Велес и еден од Неготино, во период од август до септември минатата година, се здружиле за организирање и вршење на продажби на хероин во Виена. За таа цел создале своја организација составена од  македонски државјани – кои имале улога на транспортери и улични дилери.

Тие од земјава издавале наредби и инструкции за препакување и продажба на хероин, како и за места, односно  улици, автобуски станици во Виена на лицата македонски државјани претходно ангажирани од нивна страна. Со дејствијата кои што ги превземале во изминатиов период сториле кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”. За улична продажба биле  ангажирани три лица кои се уапсени во Виена за време на истрагата.

Парите стекнати од продажбата на хероинот во Австрија во земјава од нивна страна биле трансферирани преку брз трансфер на пари на блиски роднини и пријатели со што истите сториле и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.Вчерашната реализација е продолжение на Оперативната обработка „Диригент“ која уште од 2010 година МВР ја реализира со австриските и германските служби.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски појасни македонските организатори регрутирале млади лица кои не и се познати на полицијата, а потекнуваат од чесни семејства, ги обучувале и потоа со најчесто бугарски патни исправи ги испраќале во Виена каде им давале задачи. Регрутите не знаеле германски или англиски јазик, биле срамежливи и требало да бидат „невидливи“ во местото каде што живеат.

Некои методи на работа ги имаат примено од некои терористички организации, читајќи по дневните гласила и книги за тоа, рече тој.

Со поевтина дрога, а со подобар постојан квалитет од 3 до 8 грама чистота, македонските нарко групи ја преземале туѓата територија, така што од вкупно 24, продавале во 19 квартови во Виена.

Хероинот доаѓаше од Турција, Бугарија и Унгарија. Новиот метод на работа е да одат со мали количини, а повеќе криумчари, рече директорот на Бирото за јавна безбедност, потврдувајќи оти целокупниот транспорт и продажба била на истите групи.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »