речник контакт

Признание за животно дело во волонтерството за д-р Филип Тодровски и д-р Владо Хаџи Наумов, благодарница за волонтер на годината за Никола Мацис

Признанија и за девојките од Хемиското, кои годинава станаа републички првенки во давање на Итна помош

Петар Печков

Одбележувајќи го 5 декември, Меѓународен ден на волонтерите, Општинска организација на Црвен крст од Велес  додели признанија за  лицата кои несебично се вложиле за помош на ранливите групи граѓани. Во Општинската организација на Црвен крст низ годините поминале многу волонтери, но има и такви кои со години или над четири децении континуирано се присутни како волонтери.

Признание за животно дело добија  д-р Филип Тодоровски и д-р Владо Хаџи Наумов. Црвениот крст со гордост може да каже дека и меѓу нив има млади луѓе кои ги имаат  сите карактеристики искажани за хуманост. Секогаш, тивки, несебични, вредни, скромни и подготвени да помогнат во секое време.

Благодарница, која од оваа година го носи името “Ангел Киров” за најволонтер во 2023 година со точно 207 волонтерски часови му се додели на Никола Мацис.

„Да се биде волонтер е највозвишената работа на светот. Да се подаде рака  таму каде што е најпотребно, да им се помогне на лицата во ризик.  Тие ги пропагираат најхуманите вредности и сето тоа без да се бара нешто за возврат.  Доволно е сознанието, дека со вашата активност некому   сте помогнале. Таа човечка особина ја имаат само најголемите луѓе“ - рече д-р Кевица Шопова Клифова претседател на ОО Црвен  крст Велес.

Таа напомна дека досега годинава биле извршени 103 теренски активности кои ги реализирале волонтери кои изработиле 2.245 волонтерски часови.  
Годинава после 29 години Општинската организација на Црвен крст од Велес беше победник на Државниот  натпревар. Рекорден број на екипи дури 30 или вкупно 400 учесници.  Победник беше екипата од ССОУ Димитрија Чуповски која на 23 септември не направија горди домаќини. Таа беше во состав -Бојана Воденичарова, Ива Гргиќ, Марија Нечева, Теа Славеска и Верица Мишкова.

Како дел од најголемата светска хумана организација Црвениот крст, а со тоа и Општинската организација од Велес бележат 78 години постоење.  Официјално Приказната започнала да се пишува во 1945 година иако има сознанија дека е почната и претходно од 1936 кога  Црвен крст на Кралството Југославија ја доделува БЛАГОДАРНИЦА на тогашниот велешки учител Новак Ѓурковиќ за неговите заслуги во Црвен крст, за што во Црвениот крст го имаат тој документ.

До денеска организација на Црвен крст Велес растела и се развивала преку постоење на околиски одбори, па се денешните општински организации.На свеченоста беа споменати неколку имиња кои ја извршувале функцијата  претседател на Црвен крст  Велес како: Томе Бујуклиев, Јован Николов, Никола Стојанов, Лиле Вулечевиќ, Риза Мехмедовиќ, Миле Марков. Додека секретари на организацијата биле Вера Андова, Никола Арсовски, Живко Пановски, Миле Маџаров.

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »