речник контакт

Признанија за најуспешните во 2021-ва година (фото)

Во отсуство на градоначалникот Марко Колев, неговиот заменик Коста Нојков ја испорача новогодишната честитка

Петар Печков

На истекот на годината, традиционално Општина Велес со награди и признанија за најуспешните во 2021 година.

За најдобар работник во ЈКП „Дервен“ за годинава е прогласен Трајче Шутев кој 25 години професионално ги извршува своите работни обврски во интерес на граѓаните. Наградата за најдобар пожарникар му припадна на  Роберт Драскачев, вработен како возач во територијалната противпожарна единица Велес.

За најуспешен полициски службеник е прогласен Јовица Антиќ, полицаец сообраќаец, од полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес. Овој униформиран полициски службеник со над дваесет годишно искуство е препознатлив по професионалниот однос  и одговорноста. 

Наградата Хуманист на Велес за 2021 година ја доби крводарителот Ѓорѓи Митев. Овој благороден и хуман човек учествувал на бројни крводарителски акции, дарувал самоиницијативно во одделението за трансфузиологија во Велес, а по потреба се одѕивал и на повик од болниците во Велес и во Скопје. Тој годинава, по 104-ти пат е впишан во книгата на крводарители и добитник е на повеќе јубилејни признанија на Црвен крст.

Во отсуство на градоначалникот Марко Колев, поради почитување на здравствените протоколи, како што рекоа од неговиот кабинет, наградатe им ги  врачи  неговиoт зaмeник, Коста Нојков. Тој ја испорача и новогодишната честитка до жителите на општината,  посака успешна и среќна нова година.

„Во миговите кога го испраќаме старото и дочекуваме новото време, со надеж , очекувања, желби,  соништа, овде сме, подготвени да работиме заедно за иднината на Велес. Токму Велес е сржта на нашиот живот, градот кој нe сплотува, поттикнува и обединува, да се вложуваме себеси се` повеќе и повеќе во неговиот раст и растеж. Некогаш  Гемиџиите се арчеа за нашата татковина,нашата слобода, сега е нашето време. Време да вложиме  се што носиме во нас, како луѓе, за нашиот Велес. Знам дека Велес е град на човечноста и хуманоста,   а проблемите кои ги живееме се  наши заеднички.  Оваа година донесе многу предизвици, пандемија, финансиски и економски проблеми, но успеавме да се справиме со сите предизвици и пречки. Се надевам дека наредната година ќе живееме и работиме без пандемија, ослободени од стегите што ни ги наметна и ќе продолжиме да го градиме Велес во модерен и современ град од кој нема да заминуваат младите“, кажа  Нојков.

Нојков им ги додели наградите на најуспешните за 2021 година.

На денешната свеченост беа доделени стипендиите на талентираните студенти  и ученици за учебната 2021/2022 година.  Општина Велес оваа година одлучи да додели специјално признание на припадниците на Армијата на Република Македонија, на  Команда за обука и доктрини Велес.

Признанието е израз на благодарност за континуираната поддршка на локалната самоуправа при елементарни непогоди, значајниот придонес за сигурноста на цивилните структури и исклучителната асистенција во справувањето со Ковид 19 кризата. Наградата ја прими потполковник Жарко Илиев.

Јубилејна награда добија и две вработени за своето 15 годишно работење, Билјана Шуркова Манаскова, раководителка на Одделение за заштита на животна средина и Оливера Чанева, раководителка на Одделение за финансиски прашања.

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »