речник контакт

Природната реткост, пештерите на Пешти, и пештерските цркви (фото)

Во карпестиот дел на Пешти има околу 80 пештери, но и пет пештерски цркви, што го прави овој предел единствен

Петар Печков

Во близина на Велес, на само еден час одење пеш е клисурата Пешти. Оваа природна реткоста е  на 2,5 км од вливот  на реката Бабуна во Вардар. Нејзината  форма  е во вид на инка, горе  е широка  околу 50 м. долу тесна, едвај пет метри, висока 200 метри, долга е 400 метри. Се наоѓа во заштитениот предел на реката Бабуна.  Поголемиот дел од велешани знаат за Пешти, биле до таму на прошетка. Но малкумина се тие што влегле во бројните пештери, лоцирани по високите карпи, од каде се пружа поглед кој го сопира здивот. Треба многу умешност за да се искачи човек по стрмните капри, кои за неискусните се опасност по живот. Нејзини најчести посетители се двајцата велешки спелеолози и алпинисти  Борче Јовчевски и Слободан Ѓоргиев.

Не верувам дека  досега некој  го истражувал овој простор, овие пештери. Наша  проценка е дека се околу 80. Некои имаат повеќе влезови, така  пештерата Четири порти има пет влезови. Не постои пештера каде не сме  влегле. Сме биле и  во тие тешко пристапните. Во 20-тина  не може  да се влезе без алпинистичка опрема и помагала, секако и вештина.  Во овие пештери има 10-тина јами, најголемата е 93 метри вертикала, ја имаме мерено со јаже, потоа има некој ходник, таму не сме се спуштиле, не знаеме што има, но знаеме каде е излезот – објаснува Ѓоргиев  Тој заедно со Борче Јовчевски  секој викенд се таму. 

Патем Јовчевски е член на првата македонска експедиција од 1989-ата година во освојувањето на Монт Еверст, кој стигна до подножјето но не и до самиот врв. Одлика на овие пештери е што во неколку има и цркви, што е вистинска реткост.  Има пет пештерни цркви во локалитетот Пешти. Најголема е Маркова црква- Св. Никола. Изградена е во самата пештера, има ѕидини, како и секоја црква. Како  градителите се искачувале со материјал по оваа вертикала од камен е непозната. Останати  цркви се молитвеници, фреските  се на самите ѕидови од пештерите. Таму живеле  монаси во испосништво, сами. Во пештерите има пештерски украси, некои имаат балкон, тераси, секако сталагмити и сталактити. Повеќето пештери имаат имиња, кои ги добиле од месното население. Нив доаѓале да ги проучуваат истражувачи и научници од соседството.

Црквите и фрескописот во реонот на Пешти се редок Балкански пример на оваа уметност и значаен културолошки и историски извор за фрескоживописувањето на подрачјето на Македонија. Ова е редок и единствен споменик на Балканот а можеби и пошироко. Врз основа на овие многу оштетени ликови може да се претпостави дека се многу  вредни, бидејќи се гледа дека ги работел автор кој  одлично ги познавал класицистичките традиции и е школуван во некој подобрите од средновековните ателјеа – кажа д-р Тања Стародупцев префесор на Новосадскиот Универзитет, при посетата на црквите пред некоја година. Таа и нејзините  колеги  од Србија беа  воодушевени од фреските  на Христос во апсидниот дел од црквата или композицијата  Благовестие составена од Богородица и Архангел Гаврил во друга од четирите цркви.

Одлично е сочувана фреската на Јован Крстител кој е мошне важна личност во пештерното монаштво. Тој е водечка култна личност во монашката традиција на 14-тиот век а ова што го гледам е ремек дело на пештерската уметност и сликарство – смета  мр   Светлана Микуљевиќ од Белградскиот Универзитет.

Четири порти, Голема Порта, Инка, Топла пештера, Двоглед, Галерија,се некои од имињата, кои  ги дале самите селани од околината, како им личи пештерата такви имиња давале. Така   во Топла пештера селаните кажуваат  дека чувале и  по 500 овци во зима кога било ладно, таа била мошне топла во овој период температурата била до 12 степени  над нулата.  

Во периодот од октомври до мај има и пештерски езера.  Тоа е ретка убавина, периодични пештерни езера. Постојат  се додека не испарат  во лето, до колена се длабоки. Четири се со сигурност, сме ги виделе и регистрирале. Влегувањето  во пештерите е влегување  во царството на темнината и тишината, кои никаде не се доживуваат. Пештерата е првиот дом  на човекот. Тоа треба да се доживее. Шест нејзини  лакови, кои го создала самата природа се единствена природна убавина – појаснува Јовчевски. Тој заедно со Ѓорѓиев секој слободен момент, ден, го користи во посета на овој локалитет, било да е зима или лете. Магијата на темнината за него е неповторливо и единствено чувство.  

Пешти е познат орнитолошки локалитет во Македонија, тука живеат ретки птици грабливки, кои ги има се помалку во земјава, затоа е прогласен и за заштитена зона.     

фотографиите не можат да се превземаат без дозвола на ТрМр                                           

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »