Петар Печков
Објавено: недела, 16 февруари 2025
Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против две лица Ј.Т. и К.М. од Кавадарци за кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Двајцата соизвршители осомничени за ова кривично дело, на 15 февруари во раните утрински часови, во дискотека во Кавадарци нападнале службено лице – полициски началник кој во моментот бил на должност и постапувал за откривање на сторители на недозволена трговија со дрога. Кога во дискотеката го забележале началникот на кого и претходно му упатувале заканувачки пораки преку други лица, осомничените на возраст од 31 и 33 години започнале да го туркаат и да го удираат со боксови по главата и телото, при што му ја скинале облеката и му нанеле повеќе повреди – набиеници и расекотини“ – соопштија од ОЈО Кавадарци.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци доставил предлог за определување мерка притвор за осомничените. Предлогот бил прифатен и судот им определил притвор во траење од осум дена.
За инцидентот вчера објави и СВР Велес.
На 15.02.2025 во 03.00 часот полициски службеници од ОВР Кавадарци ги лишиле од слобода Ј.Т.(31) и К.М.(33), двајцата од Кавадарци, затоа што во угостителски објект во Кавадарци физички нападнале полициски службеник кој извршувал службени задачи. На 15.02.2025 во 05.10 часот полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода и З.П.(36) од Кавадарци, затоа што кога вршеле спровод во Општа болница Кавадарци на лицето Ј.Т.(31), за да му се изврши лекарски преглед, кога стигнале во болницата, З.П. ги спречувал полициските службеници во вршењето на службените дејствија“ - информира Биљана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес.
Tweet |