речник контакт

Притвор за трите лица од скопско, кои превезуваа 71 кг марихуана

Извршена е вонредна контроли во фабрики за производство на масло од канабис за медицински цели во околината на Кавадарци и Неготино.

Петар Печков

Притвор за трите лица, кои беа уапсени во средата, како превезуваат 71 кг марихуана. Осомничените, Б.А.(37 год) од село Буковиќ, општина Сарај, М.А.(21 год) од село .Копаница и Н.А.(18 год ) од село Буковиќ, по претходен договор организирале пренос на наркотична дрога – марихуана.

„Првиот осомничен ги ангажирал другите двајца и им го дал своето возило на управување. На 5 април сите тројца во два автомобили тргнале од Скопје кон Неготино. Таму осомничениот неовластено набавил над 71 килограм марихуана, спакувана во четири патни торбици. Дрогата ја ставиле во еден од автомобилите и тргнале да се враќаат кон Скопје“- соопштија од ОЈО Кавадарци. .

Во текот на истражната постапка, по насоки на јавниот обвинител веќе се преземаат дејствија за да се утврди каде лицата ја набавиле дрогата. Постапувајќи по предлог на надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци на трите лица синоќа им определи мерка притвор во траење од 30 дена.

Претходно полицијата објави дека  уапсила во Неготино  три лица, кај кои е открена марихуана.

„На 05.04.2023, при преглед во патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал Б.А., биле пронајдени четири патни торби со висококвалитетна марихуана во вредност од околу 300.000 евра, која најверојатно потекнува од фабрика за производство на масло од канабис за медицински цели, а која при улична продажба би достигнала цена од 600.000 евра. Околу 20.00 часот на бул.„Маршал Тито“ во Неготино, полициски службеници дале наредба за запирање на возило „шкода октавија“ со скопски регистарски ознаки, но возилото не застанало, а веднаш потоа било запрено патничкото возило „мерцедес“. Притоа, возачот Б.А. се обидел да избега, но набргу бил фатен, а при преглед во возилото била пронајдена дрогата. Набргу, по преземени мерки било пронајдено и запрено и возилото „шкода октавија“, кое го управувал М.А., а совозач бил Н.А., кое играло улога на претходница на возилото „мерцедес“. Подоцна, со судска наредба, биле извршени претреси во домовите на приведените лица, при што кај М.А. биле пронајдени и одземени два пиштола, кои ги поседувал без дозвола“, соопшти Сузана Прањиќ Талевска од МВР.

Во врска со настанот, полициски службеници од Сектор за недозволена трговија со дрога, со претставници на Комисијата за оценување на исполнетост на услови за добивање на одобрение за одгледување канабис за медицински цели при Министерството за здравство извршиле вонредни контроли во фабрики за производство на масло од канабис за медицински цели во околината на Кавадарци и Неготино.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »