речник контакт

Прличко е македонски културен бренд

Наградата за животно дело ,,Петре Прличко,, актерот Мето Јовановски ја доживува како обврска и признание, како резултат на долгогодишниот труд вложен во уметноста.

Петар Печков

Наградата за животно дело ,,Петре Прличко,,  актерот Мето Јовановски ја доживува како обврска и признание, како резултат на долгогодишниот труд вложен во уметноста. По четири децении минати  во театарот и половина од нив во филмот, наградата за Јовановски е вреднување на се што досега одиграл  на театарската сцена и на подвижните слики.

Tреба како актери да оставиме значајни дела и да оставиме знак, белег за идните генерации дека сме постоеле, некакво камче   во мозаик на духовноста по што ќе бидеме препознаени. Живееме во девијантно време, кое посебно се чувствува во културата. Актерот е врзан за своето поднебје. Секогаш сум се трудел, како аманет од мојот професор, да играм на сцена со задоволство и љубов и среќа. Актерството е напорна и тешка професија и затоа оваа награда ми е посебно драга и ми прави чест – вели Јовановски.

Смета дека уметникот не се пензионира со чинот на заминување од куќата, во пресрет на административниот чин  на пензионирање од Драмски театар, кој заедно со неколкумина колеги го очекува на крајот од годинава. Посебно среќен го прави тоа што ја добива наградата ,,Петре Прличко,,  иако има добиено и бројни други признанија. Името на овој актер е првата асоцијација за македонските актери  во Балканот.

Кога одам да работам во другите републики од поранешна Југославија, сите прво што го споменуваат е Петре Прличко. Тој остана во колективната меморија во еден поширок круг уметници и ако се споменува било кој актер од Македонија, се спомнува тој. Неговиот креативен дух и натаму опстојува во меморија на колегите и останатите граѓани од опкружувањето, тој остави силен траг. Неговото име токму затоа е многу значајно за македонскиот народ и Македонија. Кога не оспоруваат, ние имаме човек со кој треба да се гордееме, тој е апсолутно автентичен и неспоредлив со  било која друга актерска величина на Балканот.  Прличко е наш уметнички бренд, знак, со сензибилитетот, со карактерот, со речникот, со интонацијата тоа е бисер со кој треба да се гордееме.  Тоа  што тој и неговите колеги оделе по селата  и играле театар, како што опишува во тв - серијата ,,Комедијанти,, тоа е еден вид наивно сликарство – објаснува Јовановски кој токму при снимањето на оваа серија интензивно се дружел со Прличко.

Јовановски го има и на театарот и во филмот, и во Македонија и во соседството. Се помнат неговите ролји на  Вујо Вања, Порфириј во Злосторство и казна,   Симон во Диво Месо на Унковски и Стефановски,  на  Јане Задрогаз,  како Хамлет од 70-тите.  Од филмовите ги одделува Среќна нова `49-та и Тетовирање, но смета дека не бил доволно искористен во македонските филмови.

Кај нас за жал се работат малку филмови, а кога се работат малку не  има во поделбата од за мене непознати причини,  повеќе ме има во Босна и Србија. Многу повеќе сум работел надвор од земјава, многу помалку кај нас. Сум работел во Подгорица, во Сплитски театар, во маркантни, моќни претстави со добри режисери, сум гостувал во Европа и Јужна Америка. Убеден сум дека Хамлет на Унковски беше голем спектакл, големо дело, одлична сценографија, која подобро помина надвор отколку тука. Имам посебен респект кон театарот, бидејќи тој е основа на се, но да се направи голем филм треба големо знаење, добар режисер, сценарио, добра екипа, камерман, музика. За жал во последно време кај нас во Македонија нема добро сценарио, нема сценаристи. За тоа треба долго време работа, две години а потоа никој не е сигурен дали тој голем труд ќе се реализира и филмот ќе се сними. Имаме добри луѓе но  тие немаат мотивација – објаснува Јовановски, на кого  му беше врачена наградата Петре Прличко,  во велешкиот театар Џинот.  Со  нив соработувал со претставата  ,,Филоктет ,, како режисер и добил награда во Украина.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »