речник контакт

Прогласени најдобрите велешани за 2014-та (фото)

Кој е најдобриот полицаец, пожарникар, земјоделец, хуманист, занаетчија, комуналец. Градоначалникот Чадиев вети крупни инфраструктурни објекти за наредната година

Петар Печков

На Свечената седница на Општината, каде се резимираше изминатата 2014-та година, традиционално беа прогласени најдобрите велешани, кои работеа на повеќе полиња а овозможува нормален живот  на сограѓаните.  За најдобар полицаец, пожарникар, земјоделец, хуманист, занаетчија и комуналец беа прогласени: 

МИЛЕ НИКОЛОВСКИ – полициски службеник при СВР- Велес, водич на безбедносен реон, кој  целиот досегашен 26 годишен работен стаж го посветил на борбата со криминалот и насилството за што многупати до сега е наградуван. Николовски е препознатлив меѓу колегите по посветеноста, одговорноста и професионалноста што резултира со натпросечни постигнувања во работата.

ЈОВАН ВЕЛКОВСКИ -пожарникар во Територијалната противпожарна единица во Општина Велес.  Во досегашниот речиси 4 децениски работен стаж се истакнува со интервенции во многу пожари каде е видлива неговата пожртвуваност, храброст, несебичност и пред се висок професионализам во спасувањето на човечки животи, имот и справување со огнената стихија.

СЛАВЧО ШАМБИЛОВ –хуманист-крводарител, активист на Општинската организација на Црвениот крст. Во ноември годинава тој го реализирал своето 100-то дарување на крв. Со желба да спаси живот првпат ја подал раката во 1974-та година, пред 40 години. Оттогаш редовно, секои 3-4 месеца го посетува Одделението за трансфузиологија во Општата болница во Велес и дарува крв. Неговата крвна група на универзален дарител – нула-RH позитив и понатаму ќе го продолжува животот на оние на кои им е најпотребна.

КИРЕ БАСАРОВСКИ - најдобар работник во ЈКП „Дервен“ – груповодител во оддел за постапување со деградирани дрвја.  Кире е дел од тимот што се грижи за отстранување на деградираните дрвја на територијата на Општина Велес а неговата работа е со голема доза на ризик и одговорност и бара големо внимание и трпение.

ДУШКО ЈАНЕВСКИ – занаетчија, чевлар. Тој за своја професија го одбрал еден од најстарите занаети – чевларскиот. Со цел да го сочува и да го продолжи занаетот, Јаневски обучува млади кадри и им ја пренесува љубовта кон занаетот и значењето и вредноста на рачната работа.

ЕЛЗИН ЛЕКОВИЌ -  индивидуален земјоделец. Во моментов обработува повеќе од 100ха земјиште  - од кои 60 ха државно земјоделско земјиште.  Дел од земјиштето го сее со житарици – пченица, јачмен, пченка, детелина. Елзин е сопственик на фиормата „Фееко-пром“- краварска фарма, една од поголемите и најсовремените во регионот на Велес, со 70 млечни крави и годишно произведува 250 тони кравјо млеко и е најголем откупувач на овчо млеко во општината со 1000 тони годишно. 

 На свеченоста беа доделени стипендиите за талентираните ученици и студенти од  општина Велес. 

Градоначалникот на оваа свечена седница ја резимираше изминатата година и најави крупни инвестиции за следната. 

Благодарност упатувам до секој поединец, граѓанска организација, фондација и асоцијација што со средства, идеја, совет, стручност и професионален однос помогнал 2014 година да биде успешна. Тука пред се мислам за велешките стопанственици, регионалната стопанска комора и Вардарскиот плански регион, но и на советите на урбаните и месни заедници и медиумите. И се разбира не смеам да го изоставам мојот стручен и професионален тим во општинската администрација. Во 2015 година Велес ќе добие уште еден кружен тек и уште една индустриска зона.По пат на јавно-приватно партнерство во 2015 година ќе го започнеме проектот „Покриен градски пазар”, а на стадионот веднаш на почетокот на годината, Општина Велес ќе постави 600 седишта на трибините. Следната година Велес ќе добие уште еден паркинг простор и уште еден парк, овојпат во населба Тунел. Во Мамутчево и Бузалково ќе се уредат плоштадите и центрите на населените места, а во Оризари и Бузалково, за зголемување на безбедноста во сообраќајот ќе се постават легнати полицајци. Поголеми инфраструктурни зафати што можам да ги најавам за 2015 година се целосното реконструирање и ентериерно уредување на Градската куќа, надградбата на општинската зграда и реконструкцијата на улиците од високите зони на градот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »