речник контакт

Промените на климата носат болести

Екстремни горештини, лош воздух, ширење на инфективни болести - сето тоа е последица и на промените на климата.

Петар Печков

„Доказите се поразителни - промените на климата го загрозуваат човековото здравје“, рече Маргарет Чан, генерална директорка на Светската здравствена организација (СЗО), на првата конференција посветена на климата и здравјето  во Женева. Дека двете теми се тесно поврзани не се сомнева никој од околу 300 учесници на конференцијата.

Рекордни горештини

Еден од најголемите проблеми се брановите горештини и постојаниот раст на температурите, кои според прогнозите во Светскиот извештај за климата од март годинава, до 2100 година треба да пораснат за 4 до 7 степени. „Брановите горештини може да убијат илјадници луѓе, десетици илјади луѓе“, оценува Дермид Кемпбел-Лендрам од СЗО. „Рекордниот бран горештини кој ја зафати Европа во 2003 година беше одговорен за околу 70.000 смртни случаи повеќе отколку што нормално има во тоа време од годината.“

Еден проект, кој се реализира во моментов, ги анализира ризиците кои промената на климата ги носи за здравјето на луѓето ширум светот - од Бутан до Кенија, од централна до источна Европа. Решение би биле постројки за алармирање. Тие би ги информирале луѓето кога темепературите би станале превисоки. СЗО преудпредува дека во некои делови на светот во најлош случај би можело да биде толку жешко што би станало невозможно за живеење. Она што е неопходно не е брзо дејствување, туку итно дејствување, оценува СЗО.



Ширење на инфективни болести

Затоплувањето на Земјината топка и се‘ почестите бранови горештини водат и до тоа инфективните болести да се шират се‘ повеќе на север. „Една од најважните инфективни болести во светот е маларијата, од која годишно умираат околу 600.000 луѓе, или болестите проследени со дијареја, од кои бројот на починати е голем, само починати деца има околу 600.000“, вели Кемпбел-Лендрам. „Горештината е поволна за ширење на овие инфективни болести.“ Ако тие порано биле типични за тропските земји, сега ги има и во Европа.


Загадениот воздух е причина за многу болести

Според наводи на СЗО, секоја година над седум милиони луѓе умираат како последица на загадување на воздухот поради употребата на фосилни горива. „Ако успееме да обезбедиме повеќе чиста енергија и одржлив систем за транспорт, тогаш ќе можеме да ги намалиме несаканите ефекти врз климата глобално и веќе сега да спасиме милиони човечки животи“, убеден е Кемпбел-Лендрам. „Еден од осум смртни случаи во светот е поврзан со загадувањето на воздухот“, додава тој. Затоа мора да се обезбеди поеколошка енергија и во сиромашните земји и региони, а не само во индустриските држави.

Итни мерки

Целта на конференцијата во Женева е да се обезбеди земјите и општините да бидат подобро подготвени за горештините, екстремните временски услови и инфективни болести. Истото важи и за безбедноста на храната. Светот станува се‘ потопол, се‘ понаселен, а побарувачката по храна, вода и енергија се зголемува, нагласува Кристијана Фигуерес, шефица на Секретаријатот на ОН за клима. Колку побрзо се реагира на сето ова, толку повеќе човечки животи ќе се спасат.

текстот е преземен од Радио Дојче Веле

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »