речник контакт

Пропусти нема, пациентката мртва

Нема пропусти при породувањето на велешанката Лила Мајсторова која при тоа почина, констатирала интерна комисија за стручен надзор на ЈЗУ Општа Болница Велес,

Петар Печков

Нема пропусти при породувањето на  велешанката Лила Мајсторова ( 45 год)  која  при тоа почина, констатирала  интерна комисија  за стручен надзор на ЈЗУ Општа Болница Велес, додека  бебето и натаму е во тешка состојба на Клиниките во Скопје.

Проследени се сите медицински документации, за тоа како од минута во минута се одвивал случајот, кои лекарства се давани, како постапувале докторите, се разговараше со сите членови на лекарскиот тим кој ја породувале родилката, има и  нивни писмени изјави и заклучено е дека се што е превземено со пациентката, е сторено според позитивните медицински стандарди и протоколи. За жал и покрај превземените мерки, пациентката е почината – изјави д-р Ванчо Граматов, директор на велешката Болница.

Пациентката била примена  во средата попладнето, породувањето е започнато во ноќните часови, немало податок за минато заболување, почетокот на породувањето бил нормален, за наеднаш настапило влошување на состојбата, таа западнала во кома. Добила еклампсија, поради што бил повикан и невролог и втор анестезиолог, но помош немало.

Докторите неколку часа се бореле за животот на Мајсторова, во меѓувреме завршено е породувањето а бебето е префрлено на Клиниката за педијатрија на  оддел за интензивна нега, каде сеуште се наоѓа во критична состојба. Реакциите на дел од јавноста дека жена на возраст од 45 години да се породува по природен пат, без царски рез, за високиот притисок на кој таа се жалела, директорот не ги коментираше, само додаде дека породувањето го вршел најискусниот гинеколог во велешката болница. Сите детали  околу случајот Граматов ги остави на истрагата која се води во Основниот суд и обвинителството. 

Велешката Болница во македонската јавност беше присутна и пред триесетина дена, кога почина дете од Горно Јаболчиште. Така за месец дена се случија два смртни случаи,   првиот кога претходно почина десет годишно дете по операција на слепо црево, што е невообичаено за времето во кое живееме, вакви  операциите да завршуваат фатално.

Не постојат рутински операции, сите се тие со свои специфики. Процент на смртност и во најдобро опремените болници во светот постои, каде има најсовремена апаратура и најдобро обучени лекари специјалисти. За жал болницата е слабо опремена, но овие два смртни случаи не се резултат ниту на немањето апаратура ниту на немањето стручни лекари – изјави д-р Граматов. За натамошните постапки во двата случаи  директорот упати дека ќе чекаат на резултати од истрагата, по што ќе знаат како да постапуваат и дали некого ќе повикаат на одговорност.

 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »