речник контакт

Протест на сопствениците на објектите спроти Пошта, поради забраната за паркирање пред дуќаните

Градоначалникот објаснува барањето не е оправдано, таму не е дозволено паркирање со години

Петар Печков

Сопствениците на дуќаните лоцирани во близина на Поштата, денес еден час, на пладне  го блокираа сообраќајот во Велес на почетокот од ул. Алексо Демниевски Бауман.  Тие не се задоволни од сообраќајното решение, со кое не се дозволува паркирање  улицата. Тоа велат им го отежнува работењето и намалува прометот.

Не сме задоволни со новото сообраќајно решение, со овие пластични столпчиња и  забраната за паркирање на оваа улица. Со ова се блокира  нашата работа, тоа се 26 фирми а прометот опаѓа.  Нема подобар проток на сообраќај, се вози брзо и како резултат на тоа, вечерта пред нова година се случи сообраќајка.  Се укинаа лентите за паркирање а таа ни е  неопходно потребно. Бараме да се укине ова решение и да се врати старото. Ако тоа не е можно, нека се најде решение кое ќе овозможи работа на засегнатите во овој случај. Нашите муштерии сега немаат место каде да застанат и пазарат. Бараме  решение во интерес на граѓаните, кое ќе користи на сите - изјави Антонио Цилаков, еден од засегнатите со сообраќаниот  режим, кој е со важност од 22 декември лани. 

Тие протестираа пред знакот кој означува забрането паркирање, кој е тука со години. На протестот се приклучија и дел од станарите во зградата над аптеката, кои имале простор само  за пет коли, па ги паркирале на улицата а сега немале  каде.  Барањето кое го доставиле протестантите не е оправдано, смета градоначалникот Аце Коцевски. 

Барањето не е во согласност со Законот за безбедност во сообраќајот. Згора на тоа да потсетам дека забрането е паркирање пред и на крстосница, а тоа често се случуваше на оваа локација,  пред Поштата. Со новото решение сообраќајот се одвива непречено, брзо, без застои. На оваа улица каде се сега реакциите, никогаш не било дозволено паркирање, знакот се уште стои. Тоа  што изминатите години состојбата беше изгубена од контрола, не се казнувало, не се почитуваа знаците е прашање за сообраќајната полиција  - кажа Коцевски. 

Додаде дека за ова сообраќајно решение добиле согласност од МВР а била направена и ревизија која немало забелешки. Објасни дека улиците Благој Ѓорев, 8-ми Септември и Алексо Демниевски Бауман биле категоризирани како градски магистрални и на нив не било дозволено паркирање.   На реакциите дека сопствениците  не можат да вршат дотур на стока и во одредениот термин, преку зимо од  18 ч до 7,30 наутро, тој објасни дека можат да се паркираат на просторот пред Ликовен салон и со колички да се носи робата во продавниците или во улицата позади Свиларската зграда од каде би се вршел дотурот.

Немаме можност да вршиме дотур на стока. Конкретно мене кога ми истовараат роба, на местото кое ви кажале да го користиме, пред некој ден дистрибутерот беше казнет. Дотурот на лекови за двете аптеки Еурофарм и Зегин  е отежнат  - вели сопственик на продавница.   Незадоволните  најавија дека ќе продолжат со протестите, се додека не се укинело ова решение, кое за нив е штетно.  Во овој период  возачите за да преминат од стариот во новиот дел на Велес, мораа да возат преку Башино село и Речани или седум километри дополнително, што предизвика револт и незадоволство.  

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »