речник контакт

Против кои болести се вакцините

Вакцините се безбедни и несаканите ефекти се мали во споредба со последиците од болестите против кои се вакцинира

Петар Печков

Имунизацијата ги заштитува децата и возрасните од инфекции пред тие да дојдат во контакт со заразните болести. Таа го користи природниот одбранбен механизам - за да изгради одбрана кон специфични инфекции. Вакцината е единствен  начин децата да се заштитат од десет заразни болести кои се најчести во текот на детството: хепатитис Б, туберкулоза, дифтерија, тетанус, пертусис, полиомиелитис, рубеола, паротитис, морбили и хемофилус инфлуенце тип Б.

Сите овие болести можат да имаат сериозни компликации, а понекогаш и смрт. Вакцинацијата се дава со инјекција или во случај на вакцината против полиомиелитис со капки во уста. Вакцините се безбедни и несаканите ефекти се мали во споредба со последиците од болестите против кои се вакцинира.

Еве и ги и болестите против кои се вакцинира
Хепатит Б е сериозно заболување на црниот дроб кое е предизвикано од вирусот хепатит б. Овој вирус најчесто се пренесува по крвен пат. Во одредени случаи вирусот во организмот на човекот  може да остане  до крајот на животот а може да предизвика и карцином на црниот дроб.                                     

Туберкулоза е заразна болест предизвикана од бактерија, која може да се пренесе од човек на човек преку кашлање, кивање, зборување. Најчесто заболувањето е на белите дробови, но може да заболат и други органи и системи. Симптоми на белодробната туберкулоза се кашлица, понекогаш со појава на крв во исплувокот, ноќно потење, слабеење.                                                                

Дифтерија е заразно бактериско заболување на респираторниот систем. Се пренесува од човек на човек преку директен контакт со Флигеови капки на инфициран човек преку кашлање или кивање. Кога луѓето се инфицирани, бактеријата  лачи токсин (отров) во телото кој предизвикува слабост, воспалено грло, треска и поттечени жлезди во пределот на вратот, но и исто така може да дојде до отоци во пределот на срцевиот мускул, а во некои случаи може да дојде и до срцева слабост. Болеста може да прогредира до коматозна состојба, а во некои случаи има и смртен исход.                                                                         

Тетанус го предизвикува бактерија која се наоѓа во почвата и влегува во телото преку рана. Кога луѓето се заразени бактеријата лачи токсин (отров) во телото кој предизвикува болен спазам и вкочанетост на сите мускули на телото. Ова доведува до вкочанетост на вилицата, така што човекот не може да ја отвори устата, ниту пак може да голта или диши и може да заврши со смрт. Тетанусот исто така може да се појави кај новороденчињата, доколку папочната врвка е нестерилнопресечена.                                                                                          

Пертусис (црна кашлица) претставува тешко заболување за бебињата, а го предизвикува бактерија која се пренесува преку директен контакт со Флигеови капки на инфициран човек каде заболувањето може да предизвика силна кашлица до губење на здив, отежнато голтање и дишење, пневмонија, оштетувања на мозокот како и смртен исход.                        

Полиомиелитис(детска парализа) е предизвикан од вирус кој живее во цревата на инфициран човек. Вирусот се шири најчесто по феко-орален пат од изметот на инфициран човек. Симптомите се ненадејна треска, воспалено грло, главоболка, мускулна слабост, а може да резултира со парализа, како и смртен исход.                                                                                                                         

Морбили (Мали сипаници)  е едно од најконтагиозните вирусни заболувања. Сипаницата се пренесува преку кивање и кашлање од инфициран човек. Вообичаени симптоми се осип, треска, кашлица. Компликации од сипаница се пневмонија, менингитис, оштетување на мозокот, како и летален исход.                      

Рубеола (црвенка) е предизвикана од вирус кој се шири по пат на кашлање и кивање. Кај децата рубеолата обично предизвикува блага температура, отечени жлезди и осип кој трае неколку дена. Освен што рубеолата предизвикува заболувања и компликации кај децата , посериозни се компликациите кои ги предизвикува кај трудниците. Доколку бремената жена се инфицира, ефектите врз плодот се застрашувачки , со појава на сериозни срцеви аномалии, ментална ретардација, губење на слухот и видот, како и многу други деформитети.    

Паротитис(заразни заушки) е заразно заболување кое е предизвикано од вирус, кое што се шири по воздушен пат преку кивање или кашлање од инфициран човек. Предизвикува треска и болен оток на плунковите жлезди. Компликациите кои овој вирус може да ги предизвика кај децата се менингитис (инфекција на обвивките на мозокот), енцефалитис (воспаление на мозокот), трајно губење на слухот и воспаление на тестисите што води до стерилитет.                                   

Хиб заболувањето го предизвикува бактеријата наречена Хемофилус инфлуенца тип Б. Заболувањето е многу сериозно за деца помали од 5 години, посебно новороденчиња. Болеста се шири од човек на човек преку директен контакт, или со Флигеови капки на инфициран човек преку кашлање или кивање. ХИБ може да предизвика менингитис, епиглотитис ( инфекција на грлото) и пневмонија (инфекција на белите дробови). 

Реакциите кои ги следат вакцините најчесто се локални во вид на ограничено црвенило, болка, оток и топлина на местото на апликацијата, плачење, раздразнетост на детето и се сметаат за потполно нормални односно очекувани и  поминуваат за неколку дена, а поретки се системските реакции како малаксалост, главоболка, зголемена телесна температура. Конвулзиите се јавуваат ретко  во 0,02% од случаите најчесто со покачена температура, кај деца кои и пред вакцинацијата така реагирале при претходни инфекции.

Со воведувањето на вакцините драстично е намален бројот на заразните заболувања против кои се вакцинира, Според Законот за заштита на населението од заразни заболувања вакцинацијата против одредени заразни болести во одредена возраст е задолжителна во Република Македонија, затоа што не се заштитува само лицето кое ја прима вакцината туку се спречува циркулацијата на болеста и се заштитува целата популација.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »