речник контакт

Професорите д-р Фридман и д-р Линдстет се добитници на Почесното Рациново признание

57-те Рацинови средби се планира да се одржат во периодот септември -октомври

Петар Печков

Познати се добитниците за Почесното Рациново признание, тоа се професор  д-р Виктор Фридман од Чикаго, САД и професор  д-р  Јоуко Сакари Линдстет од Хелсинки, Финска. Одлуката за наградените ја соопшти градоначалникот Аце Коцевски во името на Организациониот одбор на манифестацијата, која годинава по 57-ми пат, овој пат   треба да се одржи во нов термин - периодот септември -октомври.  Наградата Почесно Рациново признание се доделува за афирмација и  промоција на македонскиот  јазик, книжевност и култура во странство.

Сигурен сум дека токму сега, кога некои ни го оспоруваат мајчиниот македонски јазик, двајцата великани добитници ан Почесното Рациново признание, кои искрено се посветени на афирмација на македонскиот јазик и литература, во јавноста  силно ќе одекна веста за меѓународната поддршка на македонскиот јазик и култура. Научните истражувања  на двајцата добитници покажуваат  дека македонскиот јазик  и неговите дијалекти  се афирмираат во светските научни  центри, односно  македонскиот јазик се афирмира како  посебен јазик и претставува предмет на исклучително  научно интересирање поради својата поврзаност со балканските јужнословенски и несловенски јазици - кажа  Коцевски.

Проф. д-р Фридман е познат светски лингвист, македонист и славист, редовен професор по славистика и балканистика на Универзитетот во Чикаго и афирматор на македонскиот јазик, лингвистика и македонистика во целина, како во САД, така и во светот.

Проф. д-р Линдстет е професор по филологија  на Универзитетот во Хелсинки од 1986 година, учесник во проектот „Денешната лингвистичка мапа на западниот дел од регионот Виа Игнација”, раководител и главен истражувач на значајниот проект „Кониковско евангелие” и на многу други проекти.

Организацискиот одбор на 57. издание на Рациновите средби е  во состав, Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес, претседател и членовите проф. д-р Кристина Николовска, проф. д-р Људмил Спасов, проф. д-р Гоце Ристовски и Стефани Андреевска, професор по македонски јазик и книжевност. Конкурсот за доделување на Рациновото признание ќе биде објавен пред 13 јуни, денот на трагичното убиство на Коста Солев Рацин.

Во услови на светска пандемија, сите учесници едногласно  се сложивме дека одржувањето на Меѓународната културна манифестација „Рацинови средби“ во 2020 година треба да се помести за  периодот од крајот на септември до евентуално крајот на октомври. Неизбежна е потребата од поинаква организација на ‘Рациновите средби’, но од друга страна е и можност за нивно модернизирање, осовременување и програмско збогатување - рече Коцевски.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »