речник контакт

Проценките од невремето се дека има штета од пет милиони евра (фото)

Штета претрпеа многу земјоделци кои обработуваат земјиште во Овчеполието, меѓу кои и големете субјекти, лозјето на ,,Зегин,, и житариците на ,,Агриа,, и ,,Уни Агро,,

Петар Печков

Првични проценки се дека штетата од поројниот дожд и град, кој го зафати скоро целиот регион на Овче Поле е околу пет милиони евра.  Земјоделците тврдат дека е уништен целосно родот на житариците, пченицата и јачменот, на тутунот и на лозјата.  Вчера попладне (понеделник) тие одржаа состанок на кој освен земјоделците беа присутни и заменикот министер за земјоделие Благе Цветковиќ, советникот на министерот Томе Мојсов и Ефтим Шаклев претседател на  асоцијацијата на земјоделци, како и претставници од општина Велес, Лозово и Свети Николе.

Вака големи штети, на толку голема површина не сум сретнал.  Површината каде се случи невремето е на околу пет илјади хектари,  штетата е околу пет милиони евра.  Земјоделците побараа што побргу да се активираат градобијните системи, но бараат и обесштетување  - рече Шаклев  по средбата  со земјоделците од велешките села Иванковци, Мамутчево, жителите од селата од општина Лозово и неколку села од општина Свети Николе. 

На состанокот било  договорено општините да направат комисии и во рок од 10 дена да направат проценка на штетите на секоја парцела посебно и да се направат записници кои ќе се достават на Влада по кои ќе се врши исплати на обесштетување во најкраток можен рок.

Имам 50 години, но вакво невреме како во средата попладне,  не памтам. Се спои земјата и небото, градот се столче. А ветените градобијни ракети никаде ги немаше. Се е уништено - вели земјоделец од селото Мамутчево.  Освен индивидуални земјоделци, од кои некои располагаат и со површини  поголеми од 1000 хектари, големи штети претрпеа и неколку големи субјекти, грозјето на ,,Зегин,, и житариците на,,Агриа,, кои обработуваат околу 900 хектари и ,,Уни Агро,, кои обработуваат околу 1600 хектари.

Житото имаше одличен принос, рекорден. Но невремето без малку целосно го уништи родот. Житото го користиме за храна за свињарската фарма имаме 20 илјади свињи. Потребна е помош од државата - вели Дарко Стојанов директор во ,,Уни Агро,,.

Се што вложивме годинава ништо нема да добиеме назад. Ова е катастрофа. Лозјето, тутунот се сто отсто оштетени. Житариците  исто така, а беа пред жнеење. Очекуваме државата да не обесштети оти во прашање се  многу фамилии од овој дел на велешко - вели друг жител на селото Иванковци. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »