речник контакт

Прочка- Велики поклади

Празник на проштевањето и очистувањето од гревовите. Денеска е Преподобен Тимотеј и св. Евстатиј Антиохиски, Како се обележувал Прочка во Велес пред 70-тина години. На овој ден Небото бара прошка од Земјата затоа што и погрешило со громови, мразеви, поројни дождови. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. И ТРМР бара прошка од Вас ако ви згрешил

Петар Печков


Прочка претставува голем празник и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите  се остатоци од претхристијанските пролетни забави.

Празникот Прочка или Велики Поклади спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден)

Кога станува збор за празникот Прочка не смее да се изостават деновите што му претходат на овој празник. Една недела пред Прочка (поточно во саботата) е Задушница. Саботата пред Прочка е познат под името Умрело дете за баничка, или Дете за кора. Тоа е поврзано со легендата за некое сиромашко дете кое што гледајќи како богатите носат секој ден на фурната сукани јадења побарало од мајка му да му меси баничка. Мајка му, бидејќи немала брашно постојано го лажела дека следниот ден ќе му меси, а детето чекајќи и плачејќи умрело. За спомен на тој ден и на тоа дете останало на овој ден да се меси баничка, зелник или друга храна и да се раздава.

Неделата пред Прочка се вика Месна недела, зашто на тој ден се запокладува (запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од Месни Поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела. Според преданието на некој што умрел во текот на овие денови во забите му нашле месо што го сметале за причина за смртта. Оттогаш останало строго да се внимава во текот на Сирната недела да не се јаде месо. Од Сирни Поклади, односно од  Прочка започнува да не се јадат и млечни производи со што започнуваат големите, долги седум недели Велигденски пости, што траат до Велигден.

Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат, па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што и погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, се проштеваат и пријатели, роднини, соседи. Тој што барал прошка носи некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштевањето.

Денеска е Преподобен Тимотеј и св. Евстатиј Антиохиски.

Преподобен Тимотеј живеел во осмиот век. Се подвизувал како монах во манастирот Символи, на планината Олимп во Мала Азија (таа ни е позната и како место на монашкиот подвиг на св. Методиј Солунски). Денес се слави и св. Евстатиј, кој на почетокот на четвртиот век бил епископ на Антиохија. Учествувал на Првиот вселенски собор (325 г.), штитејќи го православното учење. Кога после смртта на Константин Велики цар на источниот дел на империјата станал неговиот син Констанциј, за пра¬вославните епископи настапиле тешки времиња. Евстатиј, како и многу други, бил свргнат од катедрата и испратен во за¬точенишво, во Тракија. Неговиот плоден живот завршува во 360 година, во Филипи.

Прочка во Велес

После идеше Прочката... Прочката денот не го сменуе, датото го сменуе. Обично во недела. На Прочка ќе правиме сурати, ќе се преправаме... и ќ’одиме од куќа на куќа... и ќ’играме, и това обавезно по дванајсе души одевме: момче, невеста,  баба, дедо, ѓавол, доктор, благар, се си имаше називи. И како сватови, нели... и одеме од куќа на куќа... и ни даваа блакце и  париче. Една година одевме шо одевме по куќите... и благарот шо беше Тасе Спасев, Пешо – презиме... и коа дојдовме кај Карастојанови, испаѓаме откај Карастојанови и викаме: „Дај да видиме колку благо собравме!“... Коа ќе видиме, у кошничето нема ништо. Тоше го изел благото... и ајде ќотекот...

А на Прочка обавезно, ја, како младоженец, со мустаќи ќе ми направат, сето тоа, облечен, сестра ми ќе се направи како невеста и одеевме по роднините. Това одеевме докај двата саатот, откај десетте докај двата саатот и си се прибиравме дома. После постарите одеа, па кај постари луѓе на бакни-рака, на проштевање. Таа традиција е сочувана до ден-денеска. (Јордан Таќев, 1934)

Прочкари одеа ли? Одеа- сме се преправале, кое невестиче, кое машко така, сме оделе кај поблиските, па и некое париче коа ќе паднело па, колку сме биле радосни...  Па тие, повозрасните, обавезно со протокал за жената, а за мажот – лимоњ. Се сеќавам, мајка ми, откоа ќе завршеле гостите, отприлика знаела кои повеќе ќе дојдат ... и после ќе земеше... кај татка и ќе претрчаше, ќе отидеше да... да се прости. (Магдалена Нешова, 1937)

На прочка се одело порано? Се одело преправени жените, ние на пример, имам јас и слики, преправени поручокта сме оделе, а сабајле машките. И поминуала у Велес, сеа кој бил како, коа сум била мала, мртовечка глава кол некој преправен е тогај ногу ме страеше мене... Сме испаднале надвор, ќе мине мртовечка ли, корска глава ли не знам сеа, тоа препраено високо и се сме бегале од тоа. Женските у невеста, у баба, така преправени... (Султана Здравкин, 1933)

Друг случај кога се собираа они беше на прочка, кога се амкаше кога се ставаше на... да висе горе, закачено на таванот со закачок, па се ставеше чушка, се ставаа друго, али и алва – онаа бела алва. Е тогај за белата алва сите се бореа да ја лапнат... Али не смее со раци да се фаќа, само со устата, така да, често пати децава сакале да ја фатат со рака и ќе не удрат по рака... Тоа беше интересни случаеви кога се среќаваа овоа родниниве во нашата куќа, нели... И тоа ми останало во впечаток, мислам дека беше интересен и најубав впечаток од сите времиња коо дете шо сум била... (Бојанка Андонова, 1918)

Од книгата „Така се зборува во Велес“ од Снежана Петрова – Џамбазова.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »