Петар Печков
Објавено: сабота, 08 февруари 2025
Ревизија на сите спорни судски пресуди, последните години, во кои смртно настрадаа пешаци. Ова се побара од протестниот марш одржан во Неготино, под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“. На него се собра броен народ, не само од Неготино, родното место на Фросина Кулакова туку и од други градови. Блиските на жртвите од сообраќајките јавно проговореа, какви се проблеми наидувале во барањето на правдината.
„Внуката Михаела Стевановска почина на 28 август 2023 година во сообраќајка во Прилеп. Се знае сторителот, возачот на автомобилот. Но до ден денес немаме никаков абер што се случува, ниту обвинителство ни кажало, ниту судот во Прилеп не повикал, има ли обвинет а поминаа 15 месеци. За каква правда зборуваме“ – рече нејзината вујна.
„Ние не сме овде да бидеме бројка, ние не сме статисти, ние овде присутните сме глас на болката, глас на бесот, на стравот, глас на општеството. Судете праведно, казнувајте строго, воспитувајте посветно“ – порача другарка на Фросина.
Пред присутните говореше Бојан Петровски од Битола, чиј брат загинал во сообраќајка а добил 18 месеци затвор.
“Повикани сме на оваа броба, поради најблиските кои ги загубивме, борба против корумпираната судска влест, кои по втор пат ги убиваат нашите најблиски. Како семјество на млад човек кои ја доживеавме сета судска неправда, зборувам со револт. Казните изречени за разглените детишта, кои судскиот систем ги милува, за кои јавниот сообраќај е трка на формула 1, се трагедија. Сега е моментот да се преземе нешто, за да не биде после доцна. Крајно време е одговорност за сите обвинители, судии, вештаци, бареме одговорност за сите кои довеле до оваа неказнивост. Тие ниту од Бога се плашат, ниту од луѓето се срамат. Надлежните институции да најдат правно решение, врз основа на кое ќе има ревизија за сите сомнителни случаи. Сегашниот претседател на Судски совет, Камбовски како член на судски совет во Аплеција ја процени смртта на мојот 25 годишен брат на 18 месеци затвор“ – кажа Петровски.
„Не успеавме да добиеме правда за нашата Викторија, тоа да не се повтори во случајот со Фросина“ – кажа Славе Николов, татко на Викторија од Радовиш, која го загуби животот на пешачки, на Партизанска во Скопје.
Осудениот во овој случај доби четири години затвор.
Говорниците на протестот вината ја лоцираа во судскиот систем. Тие бараа казна за сторителите, строги казни за како што ги нарекоа убијците на тркала. Росица сестрата на трагично починатата Фросина, побара одговорност од судиите.
„Се собравме овде за да го кренеме гласот против неказнивоста на сторителите на тешки сообраќајни несреќи. Корумпираноста во судството е коренот на сите проблеми во општеството. Законодавецот предвидел многу поголеми казни отколку што судиите изрекуваат. Ако судијката му го продолжила притворот на Васил за дилање дрога, кој вчера од Апелација за ова дело доби 3,5 години затвор, мојата сестра денес ќе беше жива“ – рече Росица Кулакова.
Нејзината сестра Фросина го загуби животот на 29 јануари, пред полноќ, на пешачки на Партизанска во Скопје од возач кој го управувал автомобилот без возачка дозвола, во алкохолизрана состојба, минал на црвено.
Tweet |