Петар Печков
Објавено: петок, 11 април 2025
Рекордни 10,8 милиони денари (околу 175.000 евра) за отштета за рекордни 159 пријавени каснувања од куче се исплатени лани на граѓани од општинската каса на Велес. Од овие пари, 5,5 милиони денари се за оштетените, а 5,3 милиони за адвокатите, ни изјавија од Општина Велес. Од локалната власт велат дека сумата од 10,8 милиони е за безмалку две години.
„Ова се средства кои се исплатени за период од две години. Во април 2023 потпишавме договор со осигурителна компанија за важност од една година. Таа се повлече и остана финансискиот трошок да го плаќаме од буџетот. За ова ќе се води судска постапка“, велат од Општината и додаваат дека во 2023 бил исплатен само еден милион денари, што е најниска вредност досега.
На списокот пријавени и обесштетени во Велес во кој имаше увид ТрМр има двајца граѓани кои лани четири пати се каснати, две лица трипати и повеќе лица по двапати. Општината добила 159 пријави во 2024, во истиот период во СВР Велес се регистирани се 163 пријави, а во Општата болница 87 пациенти побарале помош поради каснувања од куче. Таму имало и 20 пациенти кои пријавиле каснувања од мачка и еден од стаорец.
Тоа што не го кажа градоначалникот на Велес, го кажа градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев кој објасни како се одвива профитабилниот бизнис на празнење на општинскиот буџет.
„Замислете, во Велес од каснувањето на куче некои лица прават бизнис, печалат. Направиле вешачка вилица со заби и механизам со која се самоповредуваат, се каснуваат. Така бараат пари од Општината“, кажа Јанчев пред советниците на Општина Кавадарци.
Градоначалникот Марко Колев, кој уште лани изрази сомнеж за организирана криминална шема за добивање отштета, вели дека ова е бизнис за одредена категорија луѓе.
„Во зима обезедуваат средства за огрев, а наесен за зимница. Дали боли оваа исплата од 10 милиони – боли. Но никој до сега не почнал да работи на решавање со проблемот со кучињата скитници. Оваа гарнитура градоначалници од Вардарски Плански Регион за кратко време ќе го отвори стационарот за кучиња ‘Шепа’. Никој претходно не се обидел да го реши овој сериозен проблем“, вели Kолев.
Тој верува декa со Регионалниот центар за згрижување на бездомни миленици „Шепа“ во Кавадаречко, што треба да се отвори наскоро, ќе биде надминат проблемот со бездомните кучиња во Велес, но и во Вардарскиот Плански Регион.
Дополни дека дека побарал детална истрага.
„Побарав полицијата да излезе на местото каде е каснат граѓанинот, да ја фотографира повредата и локацијата. Докторите од болницата да потврдат за каква повреда станува збор. Поднесов и кривична пријава за непознат сторител до Обвинителството, да се утврди кој се стои зад овој бизнис“, кажа Колев.
Досега нема информации од Обвинителството дали е е започната и до каде е истрагата и дали има осомничени.
За период од четири и пол години, Општина Велес исплатила отштети кон граѓаните за каснување од кучиња во висина од вкупно 257.215 евра. Пари, кои од локалната власт велат дека велат можеле да се искористат за инфраструктурана инвестиција, за водовод, канализација, асфалтирање патишта.
Tweet |