речник контакт

Релокација на велешката библиотека

Библиотеката доби нови простории, наместо како досега во поранешна кафеана сега ќе има цел објект на располагање.

Петар Печков

Велешката библиотека која ги продолжува традициите на најстарото читалиште во земјава, доби нови простории со што го реши горчливиот проблем со простор.

Библиотеката „Гоце Делчев“ ги доби на користење просториите на поранешниот Пионерски дом „Ѓоре Органџиев“ и наместо во 180 метри квадратни, каде што досега работеше таа ќе има на располагање 810 метри квадратни. Тука ќе може да ги смести стоте илјади книги а десетмината вработени и ќе имаат нормални услови за работа.

- Ова е голем ден за нас, бидејќи добиваме простории кои се адекватни за нашата дејност. Сега ќе можат да работат и други одделенија кои досега поради просторните проблеми не беа во можност да се активираат - вели директорката Елена Тевчева.

Иако Велес веќе две години е факултетски град во кој студираат триста студенти, во градот немаше адекватна читалница. Постојната не ги задоволува потребите за читање на дневен печат, ниту за литература а уште помалку за подготовки на испитите.

Библиотеката има повеќе од три илјади членови, кои не можат сите книги да ги изнајмат туку одделни примероци поради нивната вредност мораа да ги користат во читалницата. Поголем дел од книгите се чуваа во магацински простор во кој нема сонце, нема топлина има влага, поради што некои книги се распаднеле и морале да бидат исфрлени. Директорката е задоволна што сега ќе може да работат според библиотекарските нормативи.

\"\"

- Ќе имаме читална која ќе биде наменета за студенти и ученици, потоа за читање на дневен печат, книгите ќе се чуваат во адекватен и квалитетен простор - вели Тевчева.

Тие просториите на Пионерскиот дом „Ѓоре Органџиев“ ги добија на користење со одлука на Советот на општина Велес. Триесетина години беа сместени во просториите на некогашната кафеана „Атина“.

Библиотеката „Гоце Делчев“ ги продолжува традициите на читалиштето кое велешанецот Анѓелко Палашев го отворил во далечната 1857 година.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »